четврток, 28 мај 2026

Јаневска: Студентите во Скопје во октомври ќе бидат сместувани во нови домови

Од 1 октомври студентите ќе бидат сместени во реконстуираните студентски домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“, а до септември најдоцна се очекува да почне реконструкција и реновирање на сите други студентски домови во Македонија – изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, која изврши увид во градежните активности за темелна реконструкција на студентски дом „Стив Наумов“ во скопската населба Автокоманда.

Објавено на

часот

Сподели

„Студентите добиваат модерни европски стандарди, студентски домови. И од сега па натаму нема бркање глодари, нема бркање инсекти, ќе имаат соодветна храна, ќе имаат соодветно сместување. Нема лепење прозорци, нема лифтови што се клатат, нема има топла вода, нема струја. И како што можете да видите, ова е сосема реално“, изјави Јаневска.

Министерката потенцира дека од септември ќе има изградба и реконструкција на останатите седум други студентски домови во исто време. Станува збор за студентските домови во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Пелагонија и кујната во студентскиот дом „Гоце Делчев“. Работите ќе се одвиваат истовремено во зависност од големината на домот, реконструкциите и енергетската ефикасност, а ќе траат година и половина до две години.

„За две години ќе имаме комплетно нови студентски домови со европски стандарди“, рече Јаневска.

Нема студентски домови за богати и сиромашни, додаде таа посочувајќи дека сите студентски домови ќе бидат со ист квалитет за сите студенти во земјата.

„Токму поради тоа ние направивме и некои измени и дополнувања во финансирањето, за да може директорот, веќе е тука да ви каже дека и понатаму во иднина да ги одржуваме овие студентски домови такви какви што ќе бидат предадени, а не во оваа состојба во која што ние ги затекнавме“, рече Јаневска.

За тоа каде ќе престојуваат студентите додека трае реконтрукцијата информираше дека Министерството не го пропуштило тој елемент и дека во различни градови различно се решава проблемот.

„Во дел студентите ќе бидат во закупен приватен студентски дом. Во друг град ќе бидат во обезбеден простор – интересорска соработка со две министерства,  во трет град ќе бидат користени дел од ученичките домови“, рече Јаневска.

Ниеден студент нема да остане на улица, сите ќе си го добијат она што им следи тоа што е нивно право – посочи министерката за образование.

За одржувањето на студентскиоте домови и редот таму, вели дека студентите треба да бидат доблесни кон она што е нивно и дека „ова е општествено заедништво“.

„Ако го почитуваат редот, кој ќе биде воспоставен од Управата ќе се одржуваат лесно. Се разбира тоа е и работа на Управата, заедно со студентите, да создаде принцип на кој ќе се одржува тоа што е изградено“, рече Јаневска.

Таа потенцира дека Владата сериозно води грижа за студентскиот стандард и посочи дека и оваа година ќе има 3.000 стипендии, како и секоја друга година, и дека ќе бидат искористени сите, иако во последните пет години не биле искористени, а за тоа се молчело.

„Првпат оваа година воведуваме стипендии за деца со посебни образовни потреби односно студенти за посебни образовни потреби, и за студенти со ретки болести. Тоа е новина која досега тоа го немало“, рече Јаневска.

Александар Каровски, директор на Државниот студентски дом во Скопје, под чија капа се студентските домови „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски Питу“, рече дека во објектите ќе биде се ново – централно греење, ладење, тоалети, мебел.

„Како што кажа министерката, очекуваме од 1 октомври студентите да имаат најдобри услови тврдам, најдобри услови во регионот и пошироко. Со овие нови инвестиции студентскиот стандард ќе биде на многу повисоко ниво“, рече тој.

Во однос на одржувањето на реконструираните домови вели дека очекува почитување на куќниот ред од страна на студентите, како и досега.

„Ние имаме реновиран студентски дом Гоце Делчев пред десетина години, условите сè уште се одлични, затоа што се грижиме студентите и сите генерации да ги имаат истите услови. Затоа во тој дел како менаџери јас сум одговорен да ги одржиме условите за повеќе генерации. Инаку немаме посериозни проблеми, студентите барем кај нас во Гоце Делчев се придржуваат кон куќниот ред и немаме некои сериозни проблеми“, рече Каровски.

За реконструкција и изградба на студентските домови ќе бидат потрошени околу 50 милиони евра, од кои 10 милиони евра се грант. Парите се обезбедени со заем од Германската развојна банка, а грантот е преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската Унија. Во план е темелно реновирање на деветте државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид. Реконструкцијата ќе се одвива во фази. Во првата фаза се реновираат домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ во Скопје за што е склучен договор со компанијата „Страбаг АГ“, која ги изведува градежните активности.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ