петок, 16 мај 2025

Таравари не се откажува од посебни советнички листи, на Вреди им посака успех на изборите

Министерот за здравство Арбен Таравари во денешната изјава за медиуми рече дека се радува што Вреди се обедини. Како Алијанса за Албанците (АА) ќе излезеле со нивни сопствени листи на локалните избори и најверојатно со кандидати за градоначалници. Таравари рече и дека не е за предвремени парламентарни избори.

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера Вреди се обедини, им посакувам многу успех. Многу се радувам што се споија трите партии. Подобро една партија, отколку три партии. Им посакувам успех на изборите. Ние, како Алијанса, ќе излеземе со наши сопствени листи и најверојатно и со наши кандидати за градоначалници“, одговори Таравари на новинарско прашање.

Прашан дали тоа значи дека Алијанса не е дел повеќе од Вреди и дали петте нејзини пратеници ќе го известат собранискиот претседател Африм Гаши дека ќе дејствуваат како посебна пратеничка група, тој рече дека немало донесено таква одлука.

„Засега, немаме таква одлука. Меѓутоа, ако се иницира, без разлика, ние имаме пет наши пратеници, тие ќе продолжат како пратеничка група, Вреди ќе си има своја пратеничка група“, одговори Таравари.

Тој рече дека веќе кажал оти не е за предвремени избори, а таков став имала и партијата.

„Има стабилно мнозинство, без разлика дали сме ние во влада, или не сме во влада. Јас сметам дека треба да има локални избори. Сите ние како политички партии ни е важно да излеземе со што подобри резултати на тие избори и таа ни е целта – да победиме во што повеќе општини, каде што ќе можеме, нормално“, додаде Таравари.

Тој повтори дека штом премиерот Христијан Мицкоски се врати од Шпанија, ќе имаат состанок. Не знаеше да каже кога точно, но, нагласи, во комуникација се со премиерот. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ