„Во текот на вчерашниот ден, кривичниот совет одлучи по жалбите поднесени на решението за определување на мерка куќен притвор на осомничениот судски доставувач, ги одби на двете страни, а го потврди решението на судијата на претходна постапка“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд Скопје.
Осомничениот судски доставувач со жалбата барал определување на поблага мерка за пбезбедување, а обвинителството бараше определување мерка ефективен притвор.
Претходно, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) наредил истрага против двајца осомничени за кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Обвинителството информира дека осомничени се судски полицаец и доставувач од Основниот кривичен суд Скопје, кои од август 2025 до 7 април 2026 година директно примиле награда од 500 евра и 60.000 денари од сведок, за посредување на судскиот полицаец во повисоките судови, со цел да издејствува ослободителна пресуда.
„Сведокот, кој поднел жалба против првостепена пресуда со која бил огласен за виновен и осуден на казна затвор во траење од една година, преку сосед стапил во контакт со осомничениот доставувач, кој го упатил кај судскиот полицаец како лице што може да посредува. Судскиот полицаец бил претставен како лице кое долги години работи во судот и има контакти со судиите во сите степени, при што може да ургира пресудата да биде заменета со ослободителна. Убеден во неговото влијание, сведокот во текот на 2025 година на доставувачот му предал 500 евра, со цел тие преку судскиот полицаец да му бидат предадени на судија од Апелацискиот суд Скопје кој би донел ослободителна пресуда“, соопшти ОЈО ГОКК.
Во текот на 2026 година сведокот на осомничениот судски полицаец му исплатил 30.000 денари како награда за посредувањето. Откако Апелацискиот суд Скопје ја потврдил првостепената пресуда, сведокот преку својот бранител поднел вонреден правен лек пред Врховниот суд.
На 7 април 2026 година сведокот на осомничениот полицаец му исплатил уште 30.000 денари како награда за наводно посредување пред судиите на Врховниот суд кои треба да одлучуваат во постапката.
На судскиот полицаец определен му е притвор од 30 дена уште на 9 април за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и докази во текот на постапката. За доставувачот кој помагал во цела операција, иако Обвинителството барало затворски притвор, судот му одредил куќен притвор.
„Мерката куќен притвор е определена поради основано сомневање за помагање во извршување на кривичното дело. При донесувањето на оваа мерка, судот утврди дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази. Против ова решение, јавниот обвинител има поднесено жалба до кривичниот совет на овој суд. И покрај тоа што двајцата осомничени се вработени во овој суд, Основниот кривичен суд Скопје одлучуваше по предлозите поднесени против двајцата осомничени, бидејќи кривичното дело е од лепезата на кривични дела кои се судат во одделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид судската пракса, судот не може да биде изземен“, информираа вчера од Кривичниот суд Скопје.






