На настанот присуствуваа претставници на институции, дипломатскиот кор, културни работници, граѓански организации и млади од земјите од Западен Балкан, кои ги презентираа резултатите од тригодишната регионална иницијатива насочена кон зајакнување на младинската културна соработка и меѓусебното разбирање.
Во своето обраќање, министерот Лимани истакна дека проектот претставува доказ дека културата има моќ да ги надмине границите, да ги поврзе луѓето и да создава трајни врски на доверба и почит.
„Најголемата вредност на нашиот регион не се разликите, туку способноста тие разлики да ги претвориме во богатство, дијалог и заедничка визија за иднината. Младите од Западен Балкан покажаа дека соработката е посилна од предрасудите, а креативноста погласна од поделбите“, порача Лимани.
Тој нагласи дека поддржаните иницијативи имаат значење кое ги надминува рамките на културната продукција, бидејќи отвораат простор за дијалог, критичко размислување и разбирање на различностите, придонесувајќи кон градење заеднички вредности во регионот.
Министерот потсети дека Министерството за социјална политика, демографија и млади останува посветено на креирање политики што ќе ги охрабруваат младите да бидат активни граѓани, креатори и носители на позитивни општествени промени.
„Вложувањето во младите е најважната инвестиција што едно општество може да ја направи. Нашата цел е младите да бидат препознаени не само како иднина, туку како активна сила која денес ги создава промените“, истакна Лимани.
Тој ја потврди поддршката на Северна Македонија за регионалните младински процеси и иницијативите кои поттикнуваат мобилност, културна размена и заеднички проекти меѓу младите од Западен Балкан.
На крајот од обраќањето, министерот упати благодарност до RYCO, Владата на Сојузна Република Германија, институциите, организациите, уметниците и младите кои придонесоа за успешната реализација на проектот, нагласувајќи дека најголемото достигнување не се реализираните активности, туку создадените пријателства, изградената доверба и заедничката порака дека мирот, дијалогот и соработката немаат алтернатива.






