сабота, 20 јуни 2026

Левица бара прифаќање на 50 амандмани за Законот за судска служба

Левица поднесе 50 амандмани на Предлог-законот за судска служба, оценувајќи дека предложените законски решенија претставуваат опасен обид за враќање на судството две децении наназад и за дополнително зајакнување на влијанието на извршната власт врз судската власт.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата соопштија дека амандманите се изработени врз основа на предлозите и забелешките на синдикатите и претставниците на судските службеници, кои предупредуваат дека законот ја загрозува независноста на судството и ја влошува положбата на вработените.

Според Левица, од околу 1.800 вработени во судовите, само околу 300 би биле опфатени со новата категорија што Владата ја претставува како реформска, додека околу 1.500 вработени и понатаму би останале под режимот на Законот за административни службеници и Законот за вработени во јавниот сектор.

Од партијата наведуваат и дека предложениот закон воведува поделба на вработените во судовите на „судски службеници“ и „државни службеници“, што, според нив, создава нееднаков третман, отвора простор за дискриминација и го нарушува единството на судската служба.

Дополнително, Левица посочува дека и дел од членовите на работната група која го подготвувала законот јавно се оградиле од неговата содржина, оценувајќи дека не е ниту реформски, ниту применлив во пракса.

Партијата реагира и на предвиденото укинување на додатокот за висок ризик и доверливост, оценувајќи дека тоа ќе предизвика дополнителна демотивација кај вработените и ќе го забрза одливот на кадар од судовите.

Левица ги повика пратениците на матичната комисија да ги прифатат сите поднесени амандмани, наведувајќи дека тие ги отсликуваат барањата на судските службеници и претставуваат минимум гаранција за зачувување на независноста на судската власт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ