„Изминативе денови, јавноста повторно е сведок на некомпетентноста на системот за справување со кризи, овој пат со пожарот кој неколку дена беснееше на Галичица. Штетите по природните ресурси се непроценливи и сето тоа поради неажурност и слабости на државниот систем за брза интервенција и спречување на катастрофалните последици од огнената стихија. Максути се терети дека во својство на службено лице, преку преземање на умислено и инкриминирано комисивно противправно дејствие (acta humana ilicita), односно необезбедување навремена проверка и сервисирање на противпожарните авиони и непочитување на временски рокови за склучување на потребните договори за сервисирање на авионите, пријавениот го отежнал процесот на планирање, организирање, финансирање и надзор за навремена превенција и отстранување на причините и последиците од природните непогоди. Со тоа, Максути го довел во прашање извршувањето на активностите и постапките кои се преземаат од инволвираните страни во процесот на организираното спроведување на заштитата и спасувањето од пожари.
На овој начин, со преземеното противправно дејствие, пријавениот постапил спротивно на законските одредби за совесно постапување при вршење на своите законски овластувања и должности, а дополнително предизвикал значителна материјална штета која сè уште не е проценета и чијашто сума, кога ќе биде проценета, ќе биде тешко надоместлива“, соопшти Левица.






