„Оваа огромна загуба оправдано ја зголемува недовербата на граѓаните во институцииите на системот и затоа е клучно истрагата да се одвива професионално и транспарентно. Само на тој начин, надлежните органи може да го минимизираат просторот за шпекулации во јавноста и последователните штети, кои во голема мера може да го загрозат справувањето со последиците од пандемијата.
Со оглед дека изминатава година се изградени 19 модуларни болници, а имајќи ги предвид информациите дека е отворена посебна истрага за оваа јавна набавка, обвинителството треба во најкус можен рок да излезе со информации кои ќе ги расчистат дилемите околу безбедноста на овие објекти. Дополнителните капацитети за хоспитализација на ковид-пациенти се од огромна важност за функционирање на здравствениот систем во време на пандемија, но истите треба да бидат оставени во функција само доколку ги исполнуваат безбедносните стандарди“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет кој ја поздрави одлуката за вклучување на странски експерти во истрагата.






