Во соопштението од „Брако“, кое доаѓа како реакција на некои тврдења во јавноста за пропусти во изградбата се нагласува:
„Сакаме да напоменеме дека забелешките кои се појавиле при техничкиот прием, а кои се споменуваат од дел од медиумите, беа во најголем дел од естетска природа, и никако не можат да се поврзат со несреќата, тие уредно беа отстранети во зададениот рок, пред пуштањето на болницата во употреба. Повикуваме целокупната документација за техничкиот прием да биде објавена од страна на надлежните институции. Нашата компанија ги повикува сите истражни органи, што побрзо да ги расчистат сите околности околу овој трагичен настан и да излезат со детали од истрагата. Компанијата стои на располагање за стручна помош, информации и соработка со сите надлежни институции, а со цел да се разјасни случајот во најкус можен рок“.
Од компанијата велат дека се згрозени од манипулациите со овој случај и апелираат трагедија и губитокот на човечки животи да не се користат како средство за дневно политички и лични препукувања.
„Брако е компанија која работи повеќе од 20 години и е доминантно извозно ориентирана за светските пазари и извезува во 42 држави, меѓу кои Шведска, Велика Британија, Холандија, Белгија, САД и во други земји, каде исто така се бараат и почитуваат највисоки стандарди. Најостро ги демантираме сите шпекулации чија единствена цел е оцрнување на нашата компанија, а не откривањето на вистинските причини за трагичниот настан“, се вели во соопштението.
„Брако“ преку ова соопштение изразува најдлабоко сочувство и жалење за вчерашната трагедија и пишува: „Нашите мисли и молитви се со семејствата на настраданите жртви во вчерашниот пожар. На повредените им посакуваме брзо оздравување“.
Фото: Роберт Атанасовски






