Општините Аеродром, Гази Баба и Центар наскоро ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје.
Новиот премин преку Вардар, велат од Градот, ќе ги поврзе улицата „Васко Карангелевски“ во Аеродром со улицата „Индустриска“ во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни.

„Третата и последна фаза од изградбата на новиот булевар АСНОМ опфаќа изградба на булевар на потегот од крстосницата со булеварот ‘Гоце Делчев’ до објектот на поранешен ‘Пролетер’ во населбата Ќерамидница. Согласно со проектот, оваа фаза опфаќа реконструкција и изградба на дел од булеварот во должина од 317 метри. Реализацијата на овој проект и градежните работи ќе се одвиваат согласно со динамиката на експропријацијата на имотите кои се на неговата траса“, велат од Град Скопје.






