вторник, 21 јули 2026

Сиљановска-Давкова ја пречека претседателката на Индија, Мурму, во Скопје и Охрид, засилени безбедносни мерки

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, која престојува во дводневна официјална посета на земјава. По свеченета церемонија, Сиљановска-Давкова и Мурму заминаа на тет-а-тет средба, по што ќе биде одржан пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на двете претседателки. Поради посетата на претседателката Мурму, во поширокото централно подрачје на Скопје ќе се применува посебен режим на сообраќај. Во меѓувреме, и во Охрид денеска и утре на сила ќе бидат засилени безбедносни мерки и ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради посетата на Мурму.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

По свеченета церемонија, Сиљановска-Давкова и Мурму заминаа на тет-а-тет средба, по што ќе биде одржан пленарен состанок на македонската и индиската делегација и заедничка прес-конференција на двете претседателки.

Индиската претседателка пристигна во Скопје синоќа, а на Скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски.

„Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности. Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји“, напиша Муцунски на Фејсбук.

Предвидено е претседателката на Република Индија да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.

Индиската претседателка ќе оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе се потпише во Книгата на впечатоци и ќе има обраќање пред пратениците во македонскиот Парламент.

Попладне ќе се одржи македонско-индиски бизнис форум, организиран од Кабинетот на претседателот во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. На отворањето на бизнис форумот, на којшто ќе се обратат претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму, ќе бидат презентирани инвестициските можности на земјава.

На вториот ден од официјалната посета, претседателките ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, кадешто ќе се обратат на церемонија на откривање на биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, кадешто ќе го посетат манастирскиот комплекс Свети Наум, како и манастири и цркви во Стариот град на Охрид.

Поради посетата на претседателката Мурму, во поширокото централно подрачје на Скопје ќе се применува посебен режим на сообраќај. СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

Во меѓувреме, и во Охрид денеска и утре на сила ќе бидат засилени безбедносни мерки и ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради посетата на Мурму.

Станува збор за активности насочени кон физичко и сообраќајно обезбедување на сообраќајниците, објектите и локациите опфатени со протоколот за посетата.

Од СВР – Охрид информираат дека за реализација на активностите веќе се воспоставени контакти и координација со службите на локалната самоуправа, со правните субјекти задолжени за одржување на патиштата и улиците, со Фондот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид, јавните претпријатија и други релевантни институции.

Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај Охрид од денеска интензивно спроведува мерки за сообраќајно обезбедување, контрола и регулирање на сообраќајот, особено по булеварот „Туристичка“, но и по други улици и сообраќајници каде што нема да биде дозволено запирање и паркирање моторни возила.

Сообраќајното обезбедување ќе ги опфати и магистралните, регионалните и локалните патишта од Охрид кон Свети Наум, заштитниот појас покрај патиштата, улиците во населените места, како и паркиралиштата во централното градско подрачје и во стариот дел на Охрид.

СВР Охрид упатува апел до граѓаните да ги почитуваат наредбите и насоките на полициските службеници на терен, со цел непречено одвивање на сообраќајот и безбедност на сите учесници.

Од полицијата препорачуваат граѓаните своите возила да ги користат само во неопходни случаи во периодот на спроведување на мерките, а доколку е можно да користат алтернативни превозни средства

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ