Според анализата на Радио Слободна Европа, Скопје веќе забрзано гради нова гасна инфраструктура со поддршка од Вашингтон и Брисел, со амбиција да се позиционира како нов регионален енергетски јазол.
Клучен дел од тој план е гасоводот Гевгелија-Неготино, кој е во изградба и треба да ја поврзе земјата со грчките терминали за течен природен гас. Почетниот капацитет на гасоводот е планиран на 1,5 милијарди кубни метри годишно.
Паралелно, се планира и гасна интерконекција со Србија, а градежните работи би требало да почнат во 2027 година, што дополнително би ја зацврстило улогата на Македонија како транзитна енергетска точка на Балканот.
Македонија веќе потпиша меморандум со американски снабдувачи за купување американски течен природен гас, иако деталите од договорот не се јавно објавени, вели РСЕ.
Во фокусот е и ТЕ-ТО Скопје, клучната когенеративна електрана што го снабдува главниот град со топлинска енергија и произведува електрична енергија, а која во моментов зависи од рускиот гас.
Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за Радио Слободна Европа изјавиле дека Македонија планира изградба на 67 нови енергетски објекти со вкупна инсталирана моќност од 4.416 мегавати, меѓу кои и нова когенеративна постројка во близина на Неготино.
Како членка на НАТО и кандидатка за членство во Европската Унија, Македонија диверзификацијата на снабдувањето со енергија сè повеќе ја третира и како геополитичко, а не само економско прашање, вели РСЕ.
Планот е дел од поширока американска стратегија за Западен Балкан, која предвидува нови гасоводи, терминали за течен природен гас и гасни електрани низ регионот, со цел намалување на руското енергетско влијание.






