Како што напиша Љутков на фејсбук, со новите законски измени три отсто од давачките од игрите на среќа ќе се одвојуваат за Агенцијата за филм без ограничување на висината на средствата на годишно ниво, ќе се обезбедат повеќе средства за домашни филмови, серии и млади автори, ќе се поддржат нови сценарија, дебитантски проекти и детски филмски содржини, ќе се развива кино мрежата и македонската аудиовизуелна индустрија, а четири отсто од парите ќе се издвојуваат за развој на туризмот, исто така без ограничувања.
„Ова значи повеќе македонски филмови, поголема меѓународна конкурентност и силен поттик за културниот и економскиот развој преку филмот, а со тоа и поголема промоција на Македонија како филмска и туристичка дестинација! Филмот и туризмот заедно можат да станат еден од најсилните мотори на македонската економија, преку промоција на нашите природни убавини, култура, традиција и уникатни локации пред целиот свет. Македонија има приказна што вреди да се раскаже и време е светот да ја види!“, напиша Љутков на фејсбук.






