На денешниот брифинг со новинарите, Савески истакна дека одговорноста за предметите е кај обвинителите кои непосредно постапуваат по нив и оцени дека токму тие треба да комуницираат со јавноста за случаите на кои работат.
„Сметам дека е важно комуникацијата со јавноста да ја водат конкретните јавни обвинители кои постапуваат по предметите. Во минатото, често за сите предмети говореше јавниот обвинител на државата, но сметам дека посоодветно е тоа да го прават оние што директно постапуваат“, изјави Савески.
Осврнувајќи се на предметот поврзан со поранешниот вицепремиер Артан Груби, тој посочи дека постапката сè уште е во тек и дека продолжува прибирањето докази и преземањето истражни дејствија.
Според него, законскиот рок за истрага е шест месеци, со можност за продолжување доколку има потреба, а одлуката дали доказите се доволни е проценка на јавниот обвинител.
Во врска со изјавите дека 80 кривични пријави биле чувани во фиока, Савески рече дека нема конкретни информации за кои предмети станува збор, но по неговото доаѓање на функцијата наложил контрола и надзор на старите предмети во сите обвинителства.
Тој информираше дека првичните наоди од контролите покажуваат оти нема значителен број заостанати предмети и дека најстарите случаи веќе се во напредна фаза на постапување.
Говорејќи за истрагата за пожарот во Кочани, Савески нагласи дека промените во обвинителскиот тим не значат застој на постапката, туку почеток на нова фаза од процесот.
Тој посочи дека одржал три средби со семејствата на жртвите и повредените за да им ја објасни постапката и причините за кадровските решенија во предметот.
„Се создаде перцепција дека предметот запира, а всушност започнува нова фаза. Начинот на кој тоа беше пренесено во медиумите дополнително влијаеше врз чувствата на семејствата“, рече Савески.
Во однос на времетраењето на постапката, републичкиот јавен обвинител изјави дека не очекува истрагата да трае со години.
„Јавните обвинители веќе работат по план за ефикасно водење на постапката, а во судската фаза се користат механизми за рационализација на изведувањето на доказите“, нагласи Савески.
Тој додаде дека доколку е неопходно одредено вештачење, тоа мора да биде спроведено без оглед на трошоците, но доколку постои поекономично решение што ќе доведе до ист резултат, треба да се разгледа и таквата можност.
Савески се осврна и на принципот „dominus litis“, потенцирајќи дека јавниот обвинител е носител на предистражната и истражната постапка и гарант за законитоста и објективноста на процесот.
Воедно порача дека е подобро постапката да биде запрена доколку нема доволно докази, отколку да се поднесе обвинение кое подоцна би завршило со ослободителна пресуда.
На прашање за шпекулациите во јавноста поврзани со наводна нацистичка симболика на тетоважа на неговиот прст, Савески ги отфрли таквите тврдења, оценувајќи ги како неосновани.






