На денешното рочиште обвинителот продолжи со прикажување на материјалните докази, кои се однесуваат на инспекциските надзори за угостителска дејност спроведувани од Општина Кочани. Во доказниот сет беа презентирани извештаи за работа на инспекторите, овластувања на градежни инспектори, како и документација за вршење заеднички инспекциски и теренски надзори.
Обвинителството приложи и решенија за вработување овластени градежни инспектори, кои според нив се релевантни за утврдување на надлежностите и одговорностите во периодот пред пожарот.
Адвокатот на обвинетиот Шабан Салиу, Димитар Дангов, реагира дека одбраната има сериозни тешкотии да ги следи доказите бидејќи нркои од списите биле доставени на УСБ‑уред, што, како што рече, „не е фер и ја става одбраната во неповолна положба“. Тој посочи дека само за ДЗС има 216 докази и дека „не знае каде да ги пронајде“ во електронската структура на материјалите.
Во продолжение на презентацијата обвинителот Дарко Јакимовски наведе дека од комуналните инспекциски надзори во правните субјекти опфатени со обвинението се гледа дека, иако имало забелешки за отстранување урбана опрема, во следните извештаи се повторувало дека не е постапувано по нив. На ова реагира одбраната барајќи обвинителот да не му посочува на судот што треба да цени бидејќи тоа е исклучиво надлежност на судечкиот совет.
Одбраната дополнително побара да не се презентираат докази за кафулето, за кои, според нив, не постои обвинение. Обвинителот возврати дека доказите се релевантни бидејќи кафулето е дел од истиот правен субјект против кој се води постапката.
Адвокатот Петре Шилегов на паузата на денешното рочиште рече дека доказната постапка само го потврдува ставот на одбраната дека опфатот на обвинението е преширок и дека со ваква конструкција, како што нагласи, не може да се дојде ниту до правда ниту до правична пресуда.
Шилегов посочи дека во последните рочишта се разгледуваат записници за плаќање комунални такси на сосема друга локација, кои, според него, се апсолутно ирелевантни за причините и последиците од пожарот. Шилегов потсети дека уште на почетокот од судењето одбраната предупредила дека со ваков опфат на обвинението и ваков обем на докази постапката ќе трае предолго и дека едно вакво судење ја чини државата над 100.000 евра.
Во пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, дел од нив со тешки изгореници. Настанот предизвика широка јавна реакција и отвори прашања за безбедносните стандарди, инспекциските надзори и примената на прописите за работа на угостителските објекти.






