среда, 3 јуни 2026

Почна собраниската процедура за предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри

Комисијата за финансирање и буџет на денешната седница заклучи дека предлог-законот за игрите на среќа и забавните игри во прво читање е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Објавено на

часот

Сподели

Според заменик министерот за финансии Николче Јанкуловски, со предложеното законско решение на сеопфатен, попрецизен и посистематизиран начин ќе се уредат условите за приредување на игрите на среќа и забавните игри, правата и обврските на приредувачите, како и механизмите за надзор и контрола на нивното работење. Тоа, нагласи, ​ќе придонесе кон зајакнување на регулаторната рамка, подобрување на контролата и надзорот, усогласување со меѓународните стандарди, зголемување на одговорноста на приредувачите, како и кон поголема заштита на граѓаните, особено на младите и ранливите категории.

„Предложените законски решенија се резултат на детална анализа на состојбите во областа на игрите на среќа, следење на современите регулаторни трендови и потребата од воспоставување на поефикасен и поодржлив систем на регулирање на оваа дејност“, истакна Јанкуловски.

Со новиот закон, додаде, се забрануваат секакви начини на рекламирање, меѓу кои и на надворешниот дел на излозите на деловните простории. Кај приредувачите на посебни или електронски игри се дозволува само една реклама во големина од 100 на 30 сантиметри. Исклучок од правилото, појасни, е реклами на спортски настани, на дресовите на играчите и делот кој ќе биде посебно регулиран на самиот официјален спортски настан, без конкретни пароли, логоа, туку само со официјалното име на спонзорот.

Предлог законот, според заменик министерот, предвидува оддалеченост од 500 метри на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта. Членовите на органот на управување, содружниците и соработниците на друштвата на кои им се издадени лиценци за игри на среќа, додаде, треба да исполнуваат  критериуми fit and proper, како важен фактор во борбата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Приредувачите на игрите на среќа во автомат клуб и казино, како и за приредувачот на електронските игри на среќа, задолжително да имаат поставено глобален систем за позиционирање или ГПС локација на секој автомат и да е во постојана електронска комуникација со Управата за јавни приходи.

„Се предвидува и воведување надоместок за секоја нова деловна просторија, се зголемуваат месечните давачки за приредување на игрите на среќа и износите на банкарските гаранции. Како и ограничување едно друштво со еден износ на основна главнина да може да поднесе барање само за една лиценца, односно доколку сака да има лиценци за ист или различен вид игри на среќа треба да има кумулативен износ на главнини за соодветниот вид игри на среќа“, рече Јанкуловски.

Опозицијата со забелешка дека такво законско решение било предложено од претходната власт, кое тогашната опизиција не го поддржала. Сметаат оти е добро донесувањето на закон со кој ќе се заштитат младите.

Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи забележа на некои недостатоци, за кои најави амандманска интервнеција. За него е спорна оддалеченоста од 500 метри од училиштата, што смета дека повторно ќе им овозможи на децата и адолесцентите да бидат блиску до случувањата, како и начинот на рекламирање.

„Подобро би било да се донесе законско решение каде казината целосно да се затворат во населените места и да се однесат надвор од населните места. На тој начоин ќе се лимитираат најзагрозените категории. Покрај одалеченоста контрадикторен е начинот на рекламирање. Рекламирањето велиме ќе го спречиме насекаде за општата популација да нема пристап до казината затоа што тие се штетни, а ќе финансираме младински категории во спортот на кои ќе им биде дозволено да се истакне брендот на игрите на среќа“, рече Битиќи најавувајќи амандман за тоа.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО – ДПМНЕ подвлече дека претходниот закон имал  фоторобот за тоа кој треба да добие лиценци за приредување игри на среќа. Тој се осврна и оти во предлог законското решение на минатата власт најпрво се предвидувала оддалаченост на казината од училиштата од 200 метри, потоа 300 и на крај 500 метри и оти законот бил предложен со европско знаменце. Според него, тогашниот претседател на државата Стево Пендаровски, не го потпишал под притисок на јавноста.

„Првата разлика е што овој закон е поднесен во редовна постапка. Денеска сме на првото читање. Од овој момент натака почнува процедурата. Ќе има амандмани, ама редовна е постапката, не е со европско знаменце, кратење и трикови“, рече Стојаноски, нагласувајќи дека доколку пратениците побараат ќе се организира и јавна расправа.

За продолжението на 65. седница на Комисијата за финансирање и буџет, на чиј дневен ред е и првото читање од предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност, претседателката Сања Лукаревска најави дополнителен термин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ