среда, 3 јуни 2026

Обвинителството ќе бара притвор за Богоев и уште тројца други осомничени за местење тендер во Царинската управа

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција (УФП), Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори истрага против четворица обвинети, меѓу кои и поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев. Освен него со истрагата се опфатени и поранешен помошник директор на Царината, како и управител и вработен во една фирма, соопштија од ОЈО ГОКК. Четворицата се осомничени за кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од ОЈО ГОКК, постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одредена фирма и ограничување на конкуренцијата ѝ овозможиле на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18.479.692 денари.

„Според обезбедените докази, првоосомничениот, користејќи ја својата службена положба и влијание како директор на Царинската управа, влијаел врз спроведувањето на тендерската постапка во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот, во својство на помошник директор, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од постапката. Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание“, се наведува во соопштението на ОЈО ГОКК.

Со цел непречено водење на кривичната постапка, додаваат оттаму, надлежниот јавниот обвинител до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.

Според УФП, со цел фаворизирање на пријавената фирма и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка, поранешниот градоначалник на Општина Карпош и поранешен директор на Царината, Стефан Богоев како директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С.М., како помошник директор, влијаел врз други фирми да не учествуваат во постапките за јавна набавка.

„Пријавениот А.С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот С.Б. во својство на директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д.Г., влијаеле кај пријавениот С.М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот С.Б., за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат, за што пријавениот С.Б., во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С.М.“, соопштија од Управата за финансика полиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ