Од троска до нови ресурси
„Во Велес имаме депонија на топилничка троска од околу два милиона тони, што со години стои до поранешната топилница“, посочи проф. д-р Ѓорѓи Димов, декан на Факултетот за природни и технички науки при УГД.
„Истражувањата што ги направивме во последните 10 години потврдија дека троската е инертна и може да се вградува, на пример, под автопати. Освен тоа, најновите анализи покажуваат дека во неа има значителни количини на метали, вклучувајќи ретки метали, олово и цинк. Ако успееме да ја претвориме оваа депонија во проект на циркуларна економија и да ја исчистиме за една година, а на нејзино место да израсне парк или детско игралиште, тоа ќе биде позитивен пример што ќе ја врати довербата на јавноста во нашиот сектор.“
Литиумот, отпадот и улогата на државата
Проф. д-р Жељко Камберовиќ од Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот во Белград го отвори прашањето за потребата од стратешко управување со отпадот од новите рударски технологии.
„Сите зборуваме за литиум. Литиумот е, како што велат насловите, бела нафта, бело злато. Тој е лесен метал, релативно малку токсичен. Но, тука е во комбинација со борати и е релативно лесен за ископување, тоа е мека руда. Има свои проблеми, особено ако станува збор за подземна експлоатација. Но, многу отпад се создава од преработката на литиум. Тој отпад не е сулфидна флотациона јаловина, нема толку многу арсен. Сите зборуваат за арсенот во рударството на литиум и тоа е таа замена на тези,“ нагласи Камберовиќ.
Тој додаде дека токму преку геополимеризацијата и повторната употреба на материјалите може да се создаде безбеден и функционален производ:
„На пример, Романците под автопатите ставаат оловен песок, кој е опасен, но Европската унија овозможува користење на ’црвена кал,‘ остатоци во милиони тони. Подобро е да се користат таму, отколку да оставаме дупки во природата каде што копаме камен и го трошиме целиот капитал на нешто што може да се искористи целосно.“
Отпадот како суровина, а не како проблем
За проф. д-р Јоже Кортник од Универзитетот во Љубљана, клучот е во промена на перцепцијата:
„Мислам дека треба да имаме релевантни податоци за тоа колку отпад се создава во општеството и да направиме стратешки планови што ќе правиме со тој отпад кој всушност, не е отпад,“ истакна професорот од Факултетот за природни науки и инженерство при Универзитетот во Љубљана.
„Кога ќе кажеш ’отпад‘, сите веднаш мислат дека мириса лошо, дека е правлив. Но тоа се суровини со висока вредност, кои се веќе подготвени за одредени процеси. Треба само да инвестираме во технологии за да ги подготвиме како што треба и постојат огромни можности.“
Тој потсети дека дури и отпадот од термоелектраните може да биде корисен:
„Јас на термоелектраните гледам од еден поинаков агол. Денес, кога ќе почнеш да зборуваш за јаглен, веднаш те прогласуваат за терорист или којзнае што. Но јагленот, гледано од агол на стратегија, е суровина што создава енергија. Денес постојат технологии за ’чист јаглен‘ тие се познати, но во Европа и пошироко веќе е прифатено дека тоа не е иднината. Затоа треба постепено да се движиме кон обновливите извори на енергија. Сепак, кога зборуваме за јаглен и термоелектрани, при добивање енергија се создава електрофилна пепел, се добива и песок и сето тоа може да се искористи. На пример, во Словенија денес има недостаток од таа пепел, бидејќи се додава во цемент или се користи при подготовка на бетон. И песокот е ист, тој воопшто не е опасен и може да се користи во градежништвото.“
Од локалната заедница до глобалните модели
„Во Европа веќе има земји каде секој рударски проект мора да започне со локалната заедница. Луѓето треба да знаат какви се придобивките во инфраструктура, култура и економија. Можеме да учиме од најдобрите: од Скандинавија за одржливост, од Австралија за работа со заедниците, од Чиле за искористување на суровините. Но најважно е да почнеме дома со дијалог и партнерство со локалното население,“ објасни проф. д-р Ѓорѓи Димов, нагласувајќи дека решенијата не се само технички, туку и општествени.
Отпадот е само збор, вредноста е во пристапот
Од троската во Велес, преку литиумскиот отпад, до електрофилната пепел од термоелектраните, експертите се согласни: време е да ја промениме перцепцијата.
Она што денес го гледаме како товар, утре може да стане градежен материјал, извор на метали или економска придобивка.
Рударството на иднината не е само во земјата, туку и во начинот на кој ја користиме секоја честичка што веќе ја имаме.






