Обвинителството информира дека судијата на претходна постапка од Кривичниот суд, кој ги прифатил предложените спогодби, лицата ги огласи за виновни за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во соопштението се наведува дека со пресуда на обвинетите им е изречена казна затвор во која се пресметува и времето поминато во притвор – на осомничениот С.С.(34) осудуван за други кривични дела во траење од пет години; на осомничените Б.Љ.(39) и Ф.Љ. (33) осудувани за други кривични дела, во траење од по три години и шест месеци и -на осомничените И.А. (19), С.Е. (21), Е.И. (24) и Ќ.Љ. (29) досега неосудувани. во траење од по три години.
Обвинителството додава дека во периодот од март 2020 година до март годинава осомничените И.М. и Б.Љ., кои се недостапни на органите на прогонот, како и други непознати лица, во повеќе наврати искористувајќи исти прилики и други слични околности неовластено купувале кокаин, хероин и марихуана и дрогата ја криеле на безбедни локации во селото Грчец.
Тие организирале мрежа за продажба на дрогата на препродавачи и посредници, во која дел биле и останатите осудени и осомничени лица.
„Тие имале задача да воспоставуваат контакти со заинтересирани купувачи од Тетово, Гостивар, Скопје, Струмица и други градови. Откако ќе ја договореле цената, количината и видот на наркотичната дрога, ги известувале И.М. и Б.Љ. кои им ја давале измерена и спакувана нарачката. Препродавачите добивале процент од постигнатата цена која се движела од 4 до 5.000 денари по грам за кокаин и од 12 до 15.000 денари за 100 грама марихуана”, потсетува обвинителството.
Согласно законот, одземени се автомобил „Ауди 3″, 17 мобилни телефони, 32 држачи за СИМ – картички, 13 СИМ – картички, едно пакување бела непозната материја, 6 мали полиетиленски пакувања со кокаин, 5 капсули бела боја и еден куршум.
„Обвинетите што се спогодија со обвинителството се упатени на издржување на изречената казна, а за останатите истражната постапка е во тек”, се вели на крајот од соопштението.






