Кривичниот суд Скопје денеска ја објави пресудата и ги осудеи обвинетите на казни затвор од 6 до 6 и пол години.
Поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, е осуден на шест години и шест месеци, а поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така обвинет во овој случај е осуден на шест години и три месеци. На шест години и три месеци затвор е осуден и поранешниот министер за наука и образование Спиро Ристовски.
За виновен е прогласен и Владимир Атанасовски, поранешен директор на УБК, и е осуден на шест години затвор.
Судијата Илија Трпков, при изрекување на пресудата истакна дека државата не се брани со тепање пратеници, односно според него државата не се брани и не се гради со насилство.
Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.
Обвинителниот акт ОЈО за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд го поднесе на 31 мај 2019 година, а беше прифатен во 31 јануари 2020 година.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.






