„Јордан Камчев постојано има сериозна, силна главоболка, но во КПУ затвор Скопје нема дежурен доктор за да го прегледа притвореникот. Се праќа медицинска сестра или медицински брат за проверка на состојбата.
Првично, денес во текот на утрото Камчев имал многу сериозна главоболка и од затворскиот ‘медицински тим’ констатирано било дека има спојување на притисоците и дека има видливи отоци на лицето. Потоа, во 14.30 часот тој се чувствува многу лошо поради што прегледан е повторно во КПУ затвор Скопје и повторно е констатирано приближување на притисоците. Предложено му е да биде однесен на Клиниката за кардиологија, но тој одбил бидејќи од претходното искуство кога е пренесуван смета дека е само дополнително малтретирање за него во состојбата во која што се наоѓа бидејќи и таму секако не ја добива соодветната терапија со која би се подобрила неговата состојба. Од затворскиот ‘медицински тим’ оваа негова состојба ја третираат со сол и газирана вода.
Сериозноста на здравствената состојба во која што моментално се наоѓа и несоодветното третирање претставува ризик директно по животот на Камчев.
Од правен, но и етички и морален аспект, и нашиот клиент, Камчев и ние како правна одбрана во целост поддржуваме активности со кои би се докажала правдата, но апелираме на сериозна разумност кај oбвинителството и судиите и нивна рационалност при донесувањето на одлуките. Сметаме дека целта на мерката ефективен притвор која се применува не е директно да се загрозува здравјето и животот на еден човек“, апелираат адвокатите Гоце Ристески и Александар Михајлоски.






