вторник, 21 јули 2026

Пратениците со надзорна расправа за семејното насилство: потребни се повеќе ресурси, подобра координација и поддршка за жртвите

Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите го одржа второто продолжение на надзорната расправа на тема: „Спроведување на законите, политиките и институционалните мерки за превенција и заштита од семејно насилство, од аспект на еднаквите можности, институционалната координација, предизвиците и можностите за унапредување на ефикасноста на постапувањето на органите на извршната власт“.

Објавено на

часот

Сподели

На расправата свои искази дадоа Верица Делева, координатор на социјални услуги на Град Скопје, Ленче Илиевска, в.д. директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Крива Паланка, Наташа Котева, в.д. директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Струмица, и Данче Коцевска, в.д. директор на ЈУ Центар за социјална работа – Валандово.

Во своето обраќање, Делева се осврна на практичната примена на законите за спречување на семејното насилство, посочувајќи дека секој случај бара индивидуален пристап, процена на ризикот и навремено постапување. Како најголеми предизвици таа ги издвои зголемениот број случаи на семејно насилство и недостигот од стручни кадри за навремено и ефикасно постапување.

Потребата од интегриран пристап, односно систем кој ќе биде приспособен на жртвата, а не жртвата на системот, беше во фокусот на излагањето на Илиевска. Таа нагласи дека се неопходни поголема меѓуинституционална координација, развој на сервисни услуги, обезбедување сместување за жртвите, како и континуирана и долгорочна поддршка. Дополнително, таа посочи дека е потребно јакнење на институциите и активности за подигнување на јавната свест.

На потребата од поефикасна соработка меѓу институциите се осврна и Котева, која истакна дека брзата размена на информации е клучна за навремена процена на случаите. Според неа, за целосна примена на Законот се потребни повеќе ресурси, засолништа, кризни центри, центри за рехабилитација и дополнителни сервиси за поддршка на жртвите.

Конкретни препораки за законски измени и унапредување на системот изнесе Коцевска. Таа предложи воведување електронски системи за следење на предметите, модел за итно постапување надвор од работното време, регионални центри со обучен кадар, бесплатна правна и здравствена помош, како и подобри услови за згрижување и реинтеграција на жртвите и нивните деца.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ