„Опозицијата треба да биде задоволна со предложениот датум за изборите, 31 октомври, бидејќи во спротивно кампањата ќе се поклопи со кампањата за пописот“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања.
Според него, ако сепак опозицијата инсистира локалните избори да се одржат на 17 октомври, веројатно, како што рече, „ние ќе бидеме ОК, но токму Мицкоски инсистираше претходно локалните избори да бидат во втората половина на октомври“.
„И претходно сме менувале датум за избори преку законски измени, како во 2004 и 2017 година, но Уставот не е прекршен. Колку што знам Уставниот суд тоа не го оцени како прекршување“, кажа Заев.
Во однос на поддршката на кандидати, тој рече дека прво треба да се видат кандидатите номинирани од сите партии.
„Повикувајќи ги нашите членови, а после тоа и поддржувачи, мора да имате аргументации за самите кандидати. Тоа се однесува за цела наша земја. Не е само Тетово. Тетово е актуелно заради тоа што веројатно ќе има најмногу кандидати. Јас верувам токму низ ликовите на кандидатите ќе ги изнајдеме и решенијата“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на комплексот Планет.
Секако, нагласи тој, некаде се очекува поддршка уште во првиот круг, некаде се очекува во вториот круг.
„Некаде нема да биде возможно ниту во вториот круг, односно на крајот победникот и градоначалникот заедно со претставниците во советот ќе може да прави мнозинство во советничката група да избере претседавач во советот и да ги земе гајлето и обврските за да работи. Така стојат работите и јас верувам дека ќе изнајдеме коалиција“, изјави Заев.
Тој информираше дека имал средба со лидерите на ДПА и БЕСА и најави дека денеска ќе има средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
„Со него ќе разговараме и уште еднаш ќе потврдиме дека желбата за заеднички настап е присутна, а деталите јас и тој веројатно денеска не можеме да ги кажеме. Се уште траат постапките за кандидати за градоначалници. Ниту знаеме кои ќе бидат од ДУИ, ниту од БЕСА, ниту од ДПМНЕ, ниту од СДСМ. Еве за Тетово да кажеме, некои ги знаеме. Така да верувам на крајот ќе постигнеме заеднички настап заради тоа што ни е обврска на сите, а истовремено се надевам сите заедно ќе ја негуваме филозофијата за едно општество за сите. Значи, ќе бидат проткаени мултиетнички листи со мултиетничка карактеристика на кандидатите и градоначалници и градоначалнички“, рече тој.
Во врска со тоа дали СДСМ размислува да излезе во трката за градоначалник за Тетово со свој кандидат етнички Албанец, Заев кажа дека во постапката во партијата има пет кандидати, од кои тројца се Албанци номинирани од партиската општинска организација.
„Секако следуваат анкети како и за сите други општини. И во такви околности би бил среќен ако имаме кандидат Албанец кој ќе биде фаворит, затоа што само тогаш можете да инсистирате да одите со својот кандидат, заради тоа што знаете како стоите со рејтинзите во секои од градовите“, изјави Заев, без да коментира за имиња, бидејќи постапките за избор на кандидати за градоначалници се уште траат.
Тој уште додаде дека очекува ДИК да го исполни барањето за користење читачи на отпечаток од прст на претстојните избори, бидејќи, како што вели, тоа било и барање на опозицијата. Тој порача институциите да ја забрзаат процедурата и дополни дека Законот за јавни набавки дава можност и за директна набавка.






