Како што соопшти денеска МНР, согласно обврските кои произлегуваат од спогодбата за заштита на правата на националните малцинства од Република Северна Македонија во Република Хрватска и хрватското малцинство во Северна Македонија, потпишана во ноември 2007 година и за што е формирана меѓувладина мешовита комисија, двете држави се должни да преземат обврски за обезбедување на највисок степен на правна заштита, како и зачувување и развој на националните идентитети на малцинствата кои живеат во двете држави.
Износот од милион и двесте илјади денари Заедницата ќе го користи за финансирање на летното школо за учење на хрватски јазик, издавање на списанието „Хрватска ријеч“, како и за други активности кои како препорака произлегуваат од мешовитата меѓувладина комисија.
„Со Хрватска имаме одлична соработка, а важен придонес во таквиот развој на односите даваат претставниците на нашите заедници и здруженија во двете држави, чии активности со денешното потпишување на договорот за донација го поддржуваме. Би сакал да потсетам, а и со тоа и се заблагодарам, на вредната материјална и институционална поддршка што нашите здруженија го добиваат од надлежните институции на Хрватска“, рече Османи.
На средбата тој додал дека нашата држава има дефинирани високи стандарди за заштита и промоција на правата и интересите на помалите заедници и оти ќе продолжи да го поддржи слободното политичко и културно изразување.
Заблагодарувајќи се на донацијата, претседателката на заедницата на Хрвати Костовска нагласи дека врските и пријателството меѓу граѓаните на двете држави се искрени и длабоки, што го покажува и овој гест на македонското Министерство за надворешни работи и Владата.






