Од новата коалиција засега нема информации за што вечерва се договорија. Бројот на пратениците на овие партии е 61 од вкупно 120 пратеници.
Денеска Хоџа изјави дека наредните денови ќе бидат одлучувачки и оти Беса не може да биде во иста Влада со ДУИ, но одлуките ќе ги донесе мнозинството во партијата.
„Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Не чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“, објави и Александар Николоски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ по пораката на неговиот лидер Христоја Мицкоски.
„За жал, токму кога Беса е во подем, што се виде и на локалните избори, ДУИ настапи со стари, криминални методи и тоа преку еден нивен, за нас непознат набљудувач. Епилогот е прегласување во Желино каде Беса победи во градоначалничката трка. Во Влада со министри од ДУИ јас нема да седам на иста маса, можеби мојот став е емотивен, како што вели Али Ахмети, но јас ќе речам дека е принципиелен, бидејќи нема да дозволам натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер“, изјави генералниот секретар и шеф на изборниот штаб на Беса, министерот за земјоделство Арјанит Хоџа.
Африм Гаши, лидерот на Алтернатива вечерва изјави дека тие ќе бидат дел од влада која ќе остане на стратешката определба за членството на Македонија во НАТО и ЕУ. Тој додаде дека очекуваат и други пратеници да им се придружат.
Од ВМРО-ДПМНЕ повеќе информации за договореното вечерва најавуваат за утре.
А.Д.






