петок, 1 мај 2026

Владата за објавите на Џамбаски: Дејства против добрососедството и пријателството

Објавено на

часот

Сподели

МКД.мк ја праша Владата и „дали ваквата објава на европратеникот и бугарски политичар Џамбаски ја смета за закана по мирот и територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија“, а во целосниот одговор се вели:

„Владите на двете земји со последната посета на премиерот Заев во Софија упатија јасни пораки дека Северна Македонија и Бугарија се посветени да градат позитивни односи и доверба со цел надминување на разликите. Ги охрабруваме сите чинители да се движат по патот на дијалогот и довербата и да помогнат на двата народи и двете држави побрзо да се дојде до посакуваното решение. Сите дејствија на кој било чинител кои одат спротивно од дијалогот, од грижата за другиот и од градењето доверба, се дејствија против добрососедството и против пријателството“.

Европратеникот Џамбаски вчера напиша: „Македонија е бугарска. Факт, којшто нема потреба да се докажува. Факт којшто Зоран Заев го заборава кога е во Скопје. И се потсетува само кога ќе побара нешто. Вистината не може да се заобиколи, а судбината на секој предавник е да биде отфрлен од историјата”.

Во видеото кое е дел од предизборната кампања на ВМРО-БНД се вели дека Бугарија секогаш ја сакала Македонија, но не бивало Бугарија да биде изнудувана. Пораките што ги упатуваат се следни:

Пријателство се гради со доверба и доследност.

Вистината не може да се заобиколува.

Договорите, Заев, се двострани документи.

Вие одбивате да стоите зад вашиот потпис.

Бугарските патриоти ќе ја продолжат битката за својата вистина. Македонија е бугарска.

Под пораките се потпишани Бугарските патриоти – ВМРО, Волја и НФСБ.

Инаку, бугарските власти критикуваат за постоење говор на омраза во македонската јавност, меѓу политичарите и медиумите, но никој таму не кажа ниту збор за говорот на омраза во бугарската јавност.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ