Превозниците досега главно успеваа да ја пребродат кризата благодарение на заштитата од растот на трошоците за гориво, држејќи ги трошоците под контрола дури и кога горивото за авиони се зголеми за речиси 84 проценти од почетокот на конфликтот на 28 февруари. Сепак, според Ројтерс, тие би можеле да се соочат со недостиг ако војната не заврши наскоро.
„Постои ризик да дојде до ограничувања во испораките на гориво, особено во Азија и Европа“, изјави за Ројтерс во вторникот Вили Волш, раководител на Меѓународното здружение за воздушен транспорт, додавајќи дека залихите засега се стабилни.
Волш, меѓутоа, кажа дека ситуацијата сè уште не е толку лоша како нарушувањата предизвикани од пандемијата на ковид-19 во 2020 година, кога побарувачката за патувања стрмоглаво се намали, а авиоиндустријата претрпе загуби од стотици милијарди долари.
„Мислам дека ковид беше криза од сосема поинаков обем“, додаде Волш. „Она што го гледаме сега во основа е проблем со трошоците за авиокомпаниите. Основната побарувачка за воздушен сообраќај е сè уште силна, а тоа е позитивно.“
Војната ги погоди акциите на авиокомпаниите, додека мировните преговори за ставање крај на конфликтот и повторно отворање на клучниот Ормуски теснец за нормализирање на глобалните текови на нафтата и гасот се одвиваат со прекини поради најтешката енергетска криза во последните децении.
Авиокомпаниите сега предупредуваат дека им истекуваат механизмите за заштита од растот на цените горивото – кои им помагаат да ги фиксираат трошоците – додека прогнозите се сè понеизвесни бидејќи патниците ги одложуваат резервациите или избираат дестинации поблиску до дома за да избегнат можни прекини и повисоки цени.
Шведската министерка за енергетика Еба Буш во вторникот издаде „рано предупредување“ за можен недостиг на гориво за авиони и покрај моменталните добри залихи, повикувајќи ги шведските граѓани внимателно да ги разгледаат плановите за патување.
Од друга страна, извршниот директор на Рајанер, Мајкл О’Лири ги минимизираше стравувањата. „Сметаме дека ризикот од прекини во снабдувањето се намалува“, изјави тој за Ројтерс, повикувајќи се на разговори со добавувачи низ цела Европа претходно оваа недела.
Извршниот директор на европската нискобуџетна авиокомпанија Визер, Јозеф Варади, во понеделникот изјави дека резервациите за летото се силни. Сепак, во последните недели имаше вести од Изиџет и туристичкиот оператор ТУИ за пад на идните резервации, заедно со предупредувања за послаба добивка.
Варади, пак, предупреди дека дури и евентуалниот крај на конфликтот нема брзо да ги намали цените на горивата.
„Дури и ако војната во Иран биде сопрена, не мислам дека тоа ќе ги врати цените на горивата на нивото од пред два месеци“, изјави тој за новинарите во Лондон.
Ројтерс пишува дека Ер Франс-КЛМ, ИАГ – сопственикот на Бритиш ервејз, и Луфтханза почнуваат да ги објавуваат своите резултати од првиот квартал оваа недела. Сите три компании, како одговор на војната, ги зголемија цените и го намалија капацитетот на летовите.
Авиокомпаниите од Персискиот Залив беа најпогодени: податоците на компанијата Сириум асенд покажуваат дека бројот на летови што ги реализирале превозниците од Блискиот Исток во март се намалил за 50 проценти во споредба со истиот период минатата година, додека резервациите за вториот и третиот квартал, со трансфери преку главните центри во Заливот, се намалиле за 42,5 проценти.
Меѓутоа, како што пишува Ројтерс, капацитетот на глобалниот патнички сообраќај пораснал за околу два проценти од почетокот на 2026 година во споредба со 2025 година, што укажува на пошироката отпорност на секторот.
Кризата, пак, ги намали маржите на профит и дополнително го продлабочи јазот помеѓу послабите и посилните компании.
Некои, меѓутоа, ги избегнаа негативните последици. Финскиот национален авиопревозник Фин ер соопшти дека кризата досега имала нето позитивен ефект, со поголема побарувачка за нивните летови до Азија. Нискобуџетната авиокомпанија Норвежијан во вторникот ја отфрли загриженоста за ризиците во снабдувањето со гориво за авиони.
Раководителот на проценките во Сириум асенд, Георги Димитроф, кажа дека авиокомпаниите се адаптирале и еволуирале низ разни кризи, согласувајќи се дека ковид-19 бил „многу поголем удар“.
„Тие се многу, многу поагилни сега отколку што беа во претходната деценија, а особено отколку пред две или три децении, кога беа доста беспомошни“, рече Димитроф.






