петок, 1 мај 2026

Писмо до Томас Вајц: Преговарачката рамка за Македонија да биде во согласност со правото на ЕУ

Европскиот парламент, во рамките на своите овластувања, да побара Судот на правдата на Европската Унија да издаде мислење за усогласеноста на актуелната преговарачка рамка за Македонија со примарното право на Унијата. Ова во отворено писмо до Томас Вајц, известувачот за Македонија во Европскиот парламент, го бара Гоце Пероски, член на германската зелена партија (Bündnis 90/Die Grünen) и член на Советот на Македонците во Берлин.

Објавено на

часот

Сподели

Писмото го пренесуваме во целост.

„Почитуван господине Вајц,

во прилог би сакал да Ви ги предложам следниве можности со кои Европскиот парламент би можел да даде свој придонес кон преговарачка рамка за членство на Македонија во Европската Унија која ќе биде усогласена со правото на ЕУ со следниве барања:

  1. Европскиот парламент да усвои резолуција со која ќе констатира дека преговарачката рамка за Македонија (Одлука на Советот на ЕУ од 19 јули 2022 год.) во нејзината актуелна верзија не е во склад со примарното право на Европската унија — особено со чл. 2, чл. 4 ст. 2, чл. 4 ст. 3 и чл. 49 ДЕУ, чл. 18 ДФЕУ и чл. 21 од Повелбата за основните права на ЕУ.
  2. Европскиот парламент да го повика Советот на ЕУ да ја ревидира преговарачката рамка и да ги отстрани сите упатувања кон Вториот протокол од 17 јули 2022 година. Основа за пристапните преговори смеат да бидат исклучиво правото на Унијата (acquis communautaire) и Копенхашките критериуми.
  3. Европскиот парламент да ја повика Европската комисија да ја исполни својата функција на чувар на договорите согласно чл. 17 ст. 1 ДЕУ и да поведе постапка за прекршување на договорите согласно чл. 258 ДФЕУ против Република Бугарија, доколку таа ги продолжи условувањата засновани на идентитетска политика надвор од acquis-то.
  4. Европскиот парламент да ја повика Европската комисија да објави обврзувачко појаснување дека македонскиот јазик е признаен како самостоен јазик во целокупниот правен систем на ЕУ и дека тоа признавање не може да биде доведено во прашање со никаква билатерална позиција на земја-членка. Ова служи за заштита на основните права на оние граѓани на ЕУ чии професионални квалификации се засноваат врз признавањето на македонскиот јазик.
  5. Европскиот парламент да побара, во рамките на своите овластувања согласно чл. 218 ст. 11 ДФЕУ, Судот на правдата на Европската унија да издаде мислење за усогласеноста на актуелната преговарачка рамка со примарното право на Унијата.
  6. Европскиот парламент да ја повика Бугарија без одлагање да ги имплементира 14-те пресуди на Европскиот суд за човекови права кои се однесуваат на слободата на здружување на македонските малцински организации (ОМО Илинден) и да ги вклучи овие барања во своите резолуции за надворешната политика“, се вели во писмото.

Инаку, Пероски е и поранешен член и претседател на Советот за интеграции во Дизелдорф, Германија (Integrationsrat der Landeshauptstadt Düsseldorf), поранешен член во претседателството на Младите Европски федералисти Баден-Виртемберг (Junge Europäer – JEF Baden-Württemberg e.V.) и основач и член на Германско-македонскиот културен форум во Штутгарт.

Писмото е испратено до известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, до директорот за односите со Европската Унија во канцеларијата на канцеларот Мерц (Bundeskanzleramt), претседателот на Комисијата за односите со ЕУ во германскиот Бундестаг, претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, парламентарниот секретар во германското Министерство за надворешни работи и до пратеници во германскиот Бундестаг од различни пратенички групи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ