
„Владата во ниту еден момент ниту се мешала, ниту имала какво било политичко влијание во работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Напротив, секогаш ја поддржувала нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдија своите принципи на работа.
Категорично отфрламе каква било инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или која било нејзина институција.
Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество”, се вели во соопштението од Владата.
Како што објаснуваат оттаму, во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев, тој само пред една недела професорот Георгиев го потпишал со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата.
„Сметаме дека со тонот, инсинуациите и тајмингот избран да се пласираат невистини, професорот Ванчо Ѓорѓиев си дозволи да го искомпромитира сопствениот научен интегритет и да пласира политички пораки кои немаат никаква врска со реалноста и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Северна Македонија и Бугарија. Со ова соопштение укажуваме на овие непобитни факти, ја почитуваме неговата одлука и се заблагодаруваме за неговиот досегашен ангажман”, се додава во соопштението.






