Во владиното соопштение се вели дека Заев работната посета на Софија ја започнал со средба со поранешен премиер Борисов, заедно со вицепремиерот Никола Димитров и дека била изразена желбата, „со нова динамика да продолжи поддршката на евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и на Западен Балкан“ Како што се вели во ова соопштение, желбата се базира „на претходните позитивни искуства од подготовката и потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и врз основа на лидерството на Бугарија во однос на проширувањето на ЕУ кога претседаваше со Советот на Европската Унија“.
„За време на разговорот беше речено дека службената влада на Република Бугарија ја има целата надлежност и уставна можност да решава актуелни отворени прашања“, пишува во соопштението.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека тој и владината делегација се во Софија за да се вложат напори за градење доверба и да се направи чекор напред кон решение бидејќи „македонскиот и бугарскиот народ се блиски и природно повикани на соработка“.
Според Заев, Софија има особено значење за македонската интеграција бидејќи токму тука беа поставени контурите на Договорот од Преспа за време на ЕУ самитот за Западен Балкан во 2018 година и дека „тие заеднички искуства од непосредното минато и сега треба да бидат поттик и начин на изнаоѓање решенија за актуелната ситуација меѓу двете земји“.
Заев и Борисов истакнале дека како чекор кон градење на пријателството и довербата е добредојдена идејата за организирање форум меѓу младите, подмладоците и младинските организации од Северна Македонија и Бугарија.






