„Единствено е важно што Аземи победи, сѐ друго е неважно“,кусо одговори Тачи на прашањето како го коментира преминувањето на заменик претседателот на ДПА Азем Садику во редовите на партијата на Зијадин Села и тоа само еден ден откако и официјално е потврдено дека тој е избран за градоначалник на Студеничани, традиционалниот бастион на ДПА.
„Се прашувавме што ќе се случи ако Садику не победи и колку тогаш ќе имаше обвинувања на моја сметка. Но јас да не сакав тој да победи, немаше да победи“, нагласи Тачи и додаде дека на сите во Студеничани им е јасно дека без поддршката од ДПА немаше да се дојде до победа и дека тој тоа отворено секогаш го кажувал.
Инаку, Садику денеска изјави дека одлуката да премине во Алијанса за Албанците ја донел затоа што, како што рече, неговата победа од првиот круг Тачи сакал евтино да ѝ ја продаде на ДУИ. Сепак, нагласи, малку гласови добиле на тој начин, недоволно за да не биде избран за градоначалник на Студеничани.
ДПА на овие избори за градоначалници победи само во Студеничани, но сега на своето конто оваа победа ќе ја прикажува Алијанса за Албанците, чии први луѓе Зијадин Села и Арбен Таравари објавија и заедничка фотографија со Садику.






