среда, 6 мај 2026

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица потпишуваат заклетви без „северна“

Објавено на

часот

Сподели

Освен оваа одредба во Преспанскиот договор, очигледно е дека постои и правна недоследност и несинхронизираност помеѓу Уставот и Законот за локална самоуправа во однос на употребата на името Република Македонија и Република Северна Македонија.

Прашањето е дали потпишувањето на заклетвите под името Република Македонија може да се смета за противзаконски чин.

Од Левица велат дека Законот за локална самоуправа не е променет, односно таму во делот за давање свечена изјава експлицитно стои името Република Македонија, а документите што ги изработува општинската служба мора да се базираат на овој закон.

Од Министерството за локална самоуправа велат дека советниците даваат заклетва дека ќе ги почитуваат Уставот и законите, а токму Уставот е највисок правен акт и во свечените изјави мора да стои уставното име Република Северна Македонија. И Министерството за надворешни работи (МНР) побара од советниците да го почитуваат уставното име на Република Северна Македонија.

„Министерството за надворешни работи, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, соопштија од МНР.

Но, токму во Преспанскиот договор пишува нешто сосема друго во однос на употребата на Република Македонија за внатрешна употреба во преоден период од пет години по почнување на преговори за членство во ЕУ. „Преодниот период се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со став 1, член 3, ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш“.

Димитар Апасиев од Левица споделува и дел од објавата од политичката организација Ленка: Со бугарското вето запира и издавањето на сите документи и материјали со нелегитимното име С. Македонија, согласно Преспански договор. Тоа што СДС го крши дури и нелегитимниот договор за да се допадне што повеќе на странскиот фактор, јасно покажува за каква квислиншка структура станува збор! И легалистички (согласно закон) и според природното право на народната волја, Република Македонија ќе се користи“.

На терен се и инспекторите за локална самоуправа кои одлучуваат за тоа дали свечените изјави со Република Македонија, на пример на советниците на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица во Општина Штип, се валидни или не. Истото се случи и во општините Аеродром и Делчево.

Советниците од СДСМ во овие општини ги напуштија конститутивните седници.

А.Д.

 

Член 1, точка 10 од Преспанскиот договор

Во однос на важноста на веќе постоечките документи и материјали издадени од властите на Втората страна, Страните се согласни да има два преодни периода, еден „технички“ и еден „политички“:

а) „Техничкиот“ преоден период се однесува на сите официјални документи и материјали на јавната администрација на Втората страна за меѓународна употреба и за документите за внатрешна употреба, но кои може да се користат и надвор од државата. Важноста на ваквите документи и материјали ќе се обновува во согласност со името и термините наведени во член 1, став 3 од оваа спогодба, најдоцна во рок од пет години по влегувањето во сила на оваа спогодба.

б) „Политичкиот“ преоден период ќе се однесува на сите документи и материјали, коишто се исклучиво за внатрешна употреба во Втората страна. Издавањето на ваквите документи и материјали кои се опфатени со оваа категорија во согласност со член 1, став 3 ќе започне при отворањето на секое поглавје на релевантното поле во преговорите со Европската Унија и ќе биде финализирано во рок од пет години оттогаш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ