Како што јави дописникот на МИА од Софија, сепак, според изданието, шатл дипломатијата ќе продолжи и за време на форумот во Словенија. Така, бугарскиот претседател Румен Радев, кој ќе ја претставува Бугарија на Самитот, ќе има средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеjи и со словенечкиот премиер Јанез Јанша. По ова, Радев ќе има заедничка средба со германската канцеларка Ангела Меркел, француски претседателот Емануел Макрон и премиерот Зоран Заев.
Во пресрет на Самитот, бугарската потпретседателка Илијана Јотова за БНР изјави дека нема причина да се промени позицијата на Софија за Северна Македонија и покрај „сериозниот притисок на кој Бугарија ќе биде подложена од нејзините европски партнери“. Таа е категорична дека за неа најважно е „да се почитува правата на граѓаните во Република Северна Македонија со бугарско национално чувство“.
Во Љубљана лидерот на партијата ГЕРБ и поранешен бугарски премиер Бојко Борисов синоќа од состанокот на Европската народна партија (ЕПП) упати остри критики кон претседателот на Бугарија, Румен Радев и привремената Влада што тој ја назначи, јави дописникот на МИА од Софија.
Според поранешниот бугарски премиер, пропуштени се многу месеци и многу време, а во исто време е создадена „голема тензија во Северна Македонија, во Албанија и во целата ЕУ против Бугарија. Пропуштивме многу месеци да ја објасниме својата позиција“, изјави Борисов, додавајќи дека „генерации млади Македонци и Албанци во моментов ја мразат Бугарија“. Борисов е категоричен дека мора и може да се направи компромис.
Според него, на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан Радев „уште еднаш ќе излаже“.
„Тој секогаш ветуваше дека ќе се реши прашањето по изборите, но по кои избори? Тогаш тоа нема да зависи од него, туку од политичките партии што ќе владеат“, додаде Борисов.
Тој потсети дека кога беше премиер беше потпишан Договорот за добрососедство и само за 15-20 минути Бугарија и Македонија добија честитки од сите страни.
„Сега диктаторот Радев мора да ја донесува својата одлука и да престанува да залажува дека ќе го реши прашањето по изборите. Ние добро ја браневме и објаснивме нашата позиција, па затоа го потпишавме Договорот за добрососедство. Но, да бидеме оптимисти. Можеби и ќе најде храброст. Може еднаш да преземе одговорност и да не се крие под здолништата на политичките партии“, рече Борисов.






