петок, 1 мај 2026

Со бугарските претставници ќе се разговара кога ќе се формира влада, вели Османи

Објавено на

часот

Сподели

„Клучно ќе биде дали ќе има страна во Бугарија која ќе може да влезе во дијалог со нас во однос на овие прашања. Јас сум вечен оптимист, меѓутоа сметам дека има сериозни прозорци на можност до крајот на оваа година и сите се ангажирани. Прозорците се пред и по нашите избори, септември, октомври и декември, на кои ние таргетираме и мислиме дека постои шанса да се најде решение, но не сакам да се врзуваме со датуми поради тоа што општеството живее со тие рокови и со тие надежи и фрустрации на датуми и рокови“, рече Османи.

Според него, очигледно е дека веќе ова прашање не зависи од нас и оти земјава ги исполни сите критериуми за започнување преговори и има јасно утврдени линии низ коишто не можеме се поминеме.

„Ние ќе продолжиме да бидеме конструктивен партнер, да се обидеме да најдеме решение во рамки на позициите што ги има државата, но прашањето не е во наши раце“, рече Османи.

Тој додаде дека има простор за решение, бидејќи двете претходни претседателства со ЕУ, на Германија и на Португалија, веќе успеаја да најдат решение коешто е прифатливо, и како што рече, само треба да има контекст којшто недостасува во моментов во Бугарија за да има постоење на институции, како и поголема политичка волја и ангажман да се дојде до решение.

„Многу е важно да се формираат институциите во Бугарија за да може да имаме дијалог којшто може да произведе резултати. Јас бев на ставот дека и техничка Влада може да испорача резултати, политичка одлука за преговори веќе имаме, но се покажа дека во услови немање собрание и влада нема можност да се надмине ова прашање. И оттука клучно е дали од ова собрание коешто беше конституирано денеска ќе се произведат институции или Влада. Имав и состанок со заменик министерот за надворешни работи на Бугарија на конференцијата во Дубровник и разговаравме дека веднаш по конституирањето Влада ќе почнеме да комуницираме во однос на документот што се дефинира како патоказ. Формални разговори со бугарските претставници ќе се почнат во моментот кога ќе се формира новата Влада, иако имавме разговори и со техничката Влада“, додаде Османи.

Во однос на именување на амбасадор во Бугарија, Османи кажа дека во тек се разговори за неколку имиња меѓу МНР, премиерот и претседателот на државата, со цел да се најде најдоброто решение.

На новинарско прашање за падот на довербата во европскиот процес, Османи рече дека МНР спровело сериозна анкета кај граѓаните во контекст на нивните размислувања и по однос на прашањето со Бугарија, и во таа анкета над 80 проценти од граѓаните се изјасниле дека веруваат дека единствена алтернатива е ЕУ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ