Шекеринска го запознала министерот за одбрана на САД со тековните процеси во одбранбената сфера и ги истакна позициите на Северна Македонија во геополитичките процеси во регионот. Потенцирајќи го успехот постигнат со членството на Северна Македонија во НАТО, посочила дека тој се должи на решителната политика, храбрите одлуки, но и на големата посветеност и работа во одбраната кои, во изминативе 30 години, носат и силен американски белег, информира во соопштение Министерството за одбрана.
САД во целиот период од нашата независност беа и останаа наши најсилни поддржувачи и стратешки партнери, рече таа.
Изразувајќи задоволство од средбата, пренесува МО, секретарот за одбрана Остин истакна дека сојузништвото со Северна Македонија високо се цени и е од исклучително значење за САД. Тој се заблагодари за долгогодишното партнерство и соработка во одбраната и нагласи дека тоа ќе продолжи да се развива со уште посилен интензитет.
Министерката се осврнала и на процесот на евроинтеграцијата и оценила оти застојот не оди во прилог на заложбите за стабилен Западен Балкан.
„Застојот во евроинтеграцијата на Северна Македонија ја поткопува довербата во европските вредности и во храбрите одлуки што ги направивме како држава за да ги отстраниме препреките на тој пат. Сметам дека силен и координиран европски и американски ангажман би довел до позитивно придвижување и надминување на статус-кво во процесот, со што ќе се врати довербата во него и ќе се оневозможат влијанијата од трети страни“, рече Шекеринска.
Шекеринска во Пентагон се сретна и со Колин Кал, потсекретар за политички прашања. На средбата стана збор за состојбата во Авганистан, новите предизвици во сајбер безбедноста, блокадата на преговарачкиот процес со ЕУ и заедничкото развивање на Криволак како НАТО полигон за армиски вежби, информира МО.

Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата.
Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер.
Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер ѝ се заблагодари на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи.
На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот, при што ѝ честиташе на Шекеринска на нејзиното, како што рече, лидерство и визионерство во остварувањето на стратешките цели на државата.
Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. “Ви благодарам што верувавте во нас, рече министерката.
На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје.






