
Јохансон, како што јави МИА, реагираше на документот објавен утрово во ЕУОбсервер во кој се вели дека е доведен во прашање безвизниот режим со ЕУ за источните земји,
„Имаме нова алатка во раце во визниот кодекс според кој Комисијата секоја година проценува како третите земји соработуваат за реадмисија, и ако тоа не го прават, предлагаме санкции за олеснетиот визен режим кон овие земји, за првпат Комисијата го презентираше летово и сега се процесуира, но ниедна од земјите од Западен Балкан не се наоѓа во нашиот предлог“, изјави Јохансон.
ЕУОбсервер објави дека меѓу земјите-членки циркулира интерен документ за да се овозможи враќање на визниот режим за земји чии граѓани не ги почитуваат своите обврски во рамките на договорите за либерализација на визите. Станува збор најчесто за граѓани од Молдавија, Грузија и Украина, но Франција и Германија, меѓу другите, се пожалиле и на зголемен број на неосновани барања за азил од страна на жители на Србија и Албанија.
Од Европската комисија велат дека повеќе детали за овој документ треба да се побараат од Советот на ЕУ каде заседаваат земјите членки, но дека ваков предлог во Европската Комисија нема.






