„Овие избори се избори на личност, програми, проекти, идеи, и во едни такви околности должност на сите е да водиме позитивна кампања. Нашата земја оваа година слави 30 години од независноста и колку сме навистина созреани и колку сме општествено одговорни сите ние со секоја година и со секои наредни избори може да докажуваме. Тука пред сѐ мислам на нас политичарите, но, секако и на кандидатите што се претставуваат со своите изборни програми“, рече Заев.
Одговарајќи на новинарски прашања по почетокот на манифестацијата „Преспански јаболкобер“, тој кажа дека СДСМ и коалицијата ќе води исклучително позитивна кампања.
„Ова затоа што имаме со многу што да се пофалиме во овие четири години, за сите проекти што се реализираат, 550 милиони евра се директни поддршки од Владата за локалната самоуправа. Времето што е пред нас ги дава сите причини да веруваме дека ќе биде уште подобро, дека навистина ќе има уште многу проекти и оти животот на локално ниво ќе биде уште попримамлив, пред сѐ младите да остануваат тука“, рече Заев.
Тој додаде дека досега било направено многу во сферата на инфраструктурата, но, како што рече, претстојат уште многу предизвици.






