Во соопштението од партијата посочуваат дека е неприфатливо за вакво сериозно прашање, кое се однесува на управување со јавни средства и институционална одговорност, да отсуствуваат транспарентност и отчетност. Според нив, јавноста има право да знае зошто е раскинат договорот со првата компанија и кои биле причините за таквата одлука.
ДУИ бара и објаснување зошто, како што наведуваат, за истото прашање е склучен нов договор со компанија од Бања Лука, за која во јавноста постојат сомнежи за поврзаност со политички структури од Република Српска и Милорад Додик. Од партијата оценуваат дека доколку овие наводи се точни, се отвораат сериозни дилеми за процесот на избор и за заштитата на јавниот интерес.
Повикувајќи се на јавно достапни информации, ДУИ наведува дека одлуката на органите за решавање спорови (ДАБ) резултирала со финансиска штета за државата од околу 6 милиони евра, што, според нив, ја нагласува итноста за одговорност и објаснувања пред граѓаните.
Од ДУИ сметаат дека Бурим Латифи има обврска да објасни зошто е раскинат договорот со првата компанија, врз која основа е склучен новиот договор и како настанала финансиската штета.
„Транспарентноста и одговорноста се обврска. Молкот само ги зголемува сомнежите и ја поткопува довербата на граѓаните во институциите“, се наведува во соопштението.
Партијата дополнително го повикува Јавното обвинителство да го истражи случајот, како и Државната комисија за спречување на корупцијата, со порака дека институциите треба итно да постапат.






