
„Интеграцијата на регионот во ЕУ ќе придонесе за стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан“, се согласиле Борел и Блинкен кои се сретнаа минатата недела во Вашингтон за да разговараат за најголемите предизвици во областа на меѓународната политика за ЕУ и САД.
„Во овој контекст истакнуваме дека преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија треба да започнат без одлагање“, стои во соопштението од средбата.
Блинкен и Борел разговарале и за ситуацијата помеѓу Косово и Србија, за кои единствено решение, според нив, е дијалогот под водство на ЕУ.
„По неодамнешните тензии на северот на Косово ги охрабруваме двете страни да се ангажираат во постојана и одржлива деескалација и да избегнуваат дела кои ја загрозуваат стабилноста“, порачуваат Борел и Блинкен.
Тие, исто така изразиле поддршка за борбата против корупцијата на косовските власти, но и дека секакво насилство кон цивили, новинари, полицајци и други власти е неприфатливо.
Што се однесува до Црна Гора, ЕУ и САД бараат сите политички сили да соработуваат за да ја задржат ориентацијата што ја бара црногорскиот народ и да продолжат со остварување на ЕУ реформите. За Босна и Херцеговина, пак, Брисел и Вашингтон ја повториле нивната цврста заложба за заштита на територијалниот интегритет на оваа земја.
„Сериозно сме загрижени за сѐ пополаризираната реторика во БиХ. Ги повикуваме сите страни да ги почитуваат и штитат државните институции, да се вратат на конструктивен дијалог и да преземат чекори за напредок на патот кон ЕУ интеграција, вклучително и во релевантните реформи. ЕУ и САД им стојат на располагање на властите во БиХ за да им помогнат во преземање на тие чекори“, порачаа Борел и Блинкен.






