„Моја препорака до Владата е да се задржи до секторските, акциските соработки и воопшто да не се обидува сега, во овој период, или во наредниот, ако немаат шанса да направат влада, да направи пробив по тие прашања“, рече Пендаровски.
Во однос на обвинувањата од опозицијата дека Владата го распродаваат државниот идентитет, Пендаровски, повикувајќи се на она што му го кажал премиерот, рече дека такво нешто нема.
„Не можам да шпекулирам дали тоа се случувало. Можам да ви кажам само што премиерот ми кажа дека е разговарано. Од сѐ што мене премиерот ми кажа, нема такво нешто, ниту пишано, ниту вербално. Тоа е она што го знам“, рече Пендаровски.
Писмото од бугарското МНР, кое беше испратено по состанокот на европскиот Совет, Пендаровски го оцени како маркетиншки трик.
„Станува збор за макретиншки трик затоа што тоа е одговор на нашиот предлог за акциски планови и секторска соработка. Тоа стига во Скопје два дена после Европскиот совет. Тие пет точки, кога биле само тие, вие ќе почнеме преговори уште лани. Се работи за обид да се претстави реалната ситуација малку поинаку“, истакна Пендаровски.
Доколку Бугарија продолжи да ја блокира земјава на патот кон ЕУ, Пендаровски смета дека во тој случај не е лошо соработката со САД да се издигне на повисоко ниво од потпишаната Декларација со САД од 2008 година. Притоа, појасни дека не се работи за алтернатива на нашата стратегиска цел – членството во ЕУ, туку да се добие поддршка од држава што има што да понуди во однос на владеењето на правото и безбедносните закани.
„Тоа е само идеја и засега немаме намера формално да одиме со тој предлог“, подвлече Пендаровски.
Пендаровски изјави дека не може да каже што разговарал со вселенскиот патријарх Вартоломеј, но оти за деталите од разговорот го информирал врвот на МПЦ-ОА.
„Можам да кажам дека станува збор за процедура во која ќе се почитуваат црковните правила, дека Вселенската патријаршија е неспорно органот што дава Томос за независност. Дали и кога тоа ќе се случи зависи од нив. Има еден нов момент кој ми го објасни вселенскиот патријарх. Сега СПЦ, од каде што доаѓа спорот со МПЦ-ОА, од каде ние треба да се оттргнеме за да добиеме автокефалност, има нов патријарх и во дијалогот треба и тој да биде консултиран. Понатаму, ќе ме разберете, не можам да коментирам“, рече Пендаровски.
Тој нагласи дека со Бугарската православна црква нема проблем, туку со СПЦ.
„Но, она што го знам од врвот на МПЦ-ОА, е дека откога е побарана помош до денес БПЦ нема мрднато со прст да ни помогне“, потенцира Пендаровски.






