Беше потребна голема смиреност, тактичност и балансирање помеѓу сите внатрешни, регионални и глобални фактори, рече Пендаровски, и иттаму потекнува и специфичната содржина на референдумското прашање…
„Држава направивме и неа нема да ја изгубиме, но, воопшто не е неважно во каква држава живееме, односно, дали во таква држава ќе сакаат да живеат нашите деца и внуци. Да илустрирам – во светот постојат територии кои ги нарекуваат држави каде што власта само со употреба на сила го држи населението да не ја напушти сопствената татковина и десетици други каде што владее таква бесперспективност што ги тера младите генерации да ја планираат својата иднина било каде во светот, само не дома. Значи, ако сакаме и по 30 или 50 години да кажеме дека имаме држава со сите нишани, треба да најдеме решение за актуелните проблеми, а не за 1903, 1941 или 1991-та. Само на таков начин ќе опстанеме во новиот свет кој се раѓа пред нашите очи.
Според моето длабоко уверување, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Многу начелно, ги класификував во три групи, иако, се разбира, во стварниот живот, тие воопшто не се прецизно поделени. Во првата се старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја во предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.
Во овие триесет години сите имавме прилика да сведочиме дека опстојот и просперитетот на независната македонска држава, во голема мерка, зависат од внатрешната инклузивност на сите етнички заедници. Во тој дел, реално е направен огромен исчекор со Рамковниот договор кој наспроти предвидувањата не ја растури државата, напротив, драстично го намали потенцијалот на екстремните структури кои сакаат нови граници на Балканот. 20 години подоцна, според мене, дојдено е времето за промена на парадигмите во однос на принципот на инклузивност и тоа по две линии кои не се запишани во договорот од Охрид – првата, етничката припадност да не биде единствениот услов за вработување, втората, помалите, немнозински заедници да добијат далеку подобар третман од досегашниот, под услов да сакаме да градиме мултинационална, а не бинационална демократија.
Надворешната интегрираност е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел забележавме видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрозиме виталните идентитетски маркери на македонската нација кои се експлицитно наведени во текстот на документот. Инаку, еден од солидните темели на Преспанскиот договор е, всушност, единствениот елемент кој беше прифатлив за двете страни, во континуитет, од 1993-та до денес, независно кој беше на власт во Скопје и Атина, а тој е дека терминот Македонија ќе се употребува на неексклузивна основа.
Договорот со Бугарија од 2017-та е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга. Не очекувам негативни ефекти ниту во фазата на негова целосна имплементација, затоа што е познато дека во таа смисла за нас воопшто не постои маневарски простор: имено, ако ја изгубиме нацијата, не ни треба европската интеграција.
Неодамна усвоената собраниска декларација го потврдува широкиот политички консензус по тоа прашање.
Во втората група се економскиот развој и правната држава, според мене, главните причини за брановите на иселување кои не стивнуваат 30 години. Во овој контекст е многу битно да се намали нивото на корупција, особено, високата корупција, затоа што ги става во подредена ситуација граѓаните кои плаќаат даноци и воопшто, ги демотивира да ги почитуваат законите, го оштетува буџетот и економската основа на земјата, и не помалку важно, ја руши довербата на луѓето во институциите на сопствената држава…
Реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него. Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, рече Пендаровски во МАНУ.






