Алијанса за Албанците својот конечен став за Резолуцијата што ја предлага ВМРО-ДПМНЕ ќе го соопшти по средбата со колегите пратеници од најголемата опозициска партија.
„Нема дилеми дека евроинтеграцискиот процес треба да продолжи и дека нема алтернатива за членство на земјава во ЕУ. За нас како партија нема дилеми дека македонскиот јазик и воопшто македонскиот идентитет не смеат да бидат загрозени. Добро ќе беше еден ваков документ да произлезеше консезуално. Како и да е, интеграцијата и македонскиот идентитет се многу важни принципи и за нив не би било чесно да се прави партиски пазар“, изјавија за МКД.мк од Алијанса за Албанците.
Во оваа партија потсетуваат дека ВМРО-ДПМНЕ имаше проблематичен однос кон Законот за државјанство што коалицијата Алијанса/Алтернатива го предложи и за кој беше дадена согласност од најголемите партии, но пратениците од ВМРО-ДПМНЕ го кочат неговото донесување со процедурални забелешки и одолговлекувања. Очекуваат оваа партија да согледа дека со тој закон само ќе им се помогне на оние граѓани кои со децении живеат во Македонија, а поради бирократски причини сѐ уште немаат државјанство.
Пред средбата со ВМРО-ДПМНЕ од Алтернатива беа воздржани за каков било коментар. Оставија простор најпрво да ги слушнат аргументите од ВМРО-ДПМНЕ.
И во ДУИ се воздржани од коментари пред средбата.
Според најавите, од ВМРО-ДПМНЕ на средбите ќе бидат присутни координаторот на пратеничката група Никола Мицевски и пратеникот Антонио Милошоски, а соговорници ќе им бидат колегите Халил Снопче, во името на Алијанса/Алтернатива и Арбр Адеми од ДУИ.
ВМРО-ДПМНЕ ќе има средба и со Левица.
П.Џ.






