На „Конференцијата за медиумска писменост ЕУ – Западен Балкан: Справување со дезинформациите”, што се одржува во Скопје, во организација на Делегацијата на ЕУ во земјава и Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Борел, кој се обрати на конференцијата он лајн, истакна дека дезинформациите предизвикаа поларизација на општествата, а доведоа и до опасност по здравјето на луѓето, поради лажните информации кои беа достапни особено преку социјалните мрежи.
„Треба да работиме заедно особено за јакнење на свеста, и јакнење на изворите на информации – проверка на факти, независни и професионални медиуми. Медиумската писменост помогна во тоа и ние сме одлучни да продолжиме да придонесуваме да работиме во регионот во оваа сфера“, рече Борел.
Тој потсети дека за десет дена ќе се одржи клучниот самит ЕУ-Западен Балкан, посочувајќи дека нема сомнение оти Западен Балкан е срцето на Европа и оти Унијата има одговорност за градење мирна, просперитетна и обединета Европа.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски рече деоа можноста за брзо информирање со себе носи и потенцијално голем ризик, зашто најчесто нема многу време за проверка на содржината која се чита.
„Дезинформациите најчесто не се спонтани. Тие се производ на планиран пристап кон одредена тема. Намерата е системски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, а со крајна цел, да послужи на интересите на одредени политички или бизнис центри на моќ. На тој начин, интернетот, како алатка која секојдневно ја употребуваат милијарди луѓе, многу лесно може од платформа за информирање да стане платформа за дезинформирање“, истакна шефот на македонската држава.

Пендаровски оцени дека е потребно да се обезбедат подобри услови за професионално и независно работење во медиумите и справување со дезинформациите.
„Тоа подразбира и доследна имлементација на постојната регулатива и нејзино подобрување на линија на европските стандарди во оваа сфера. Исто така, потребно е да ги поддржиме саморегулаторните механизми во медиумската сфера, како и платформите за проверка на фактите“, рече меѓу другото Пендаровски нагласувајќи дека притоа борбата треба да се води паралелно и во интерес на медиумските слободи и слободата на говор.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, истакна дека дезинформациите се огромен глобален предизвик, уште откако се случи „бум” во онлајн комуникацијата.
Гир наведе извештај според кој отпорноста кон лажни вести во Западен Балкан е слаба и повлекува генерално недоверба кон науката. Истакна дека дезинформациите и наративите за тоа доаѓаат во различни форми, понекогаш тоа се наслови во медиуми, а понекогаш тоа се коментари, што на прв поглед изгледаат како сосема легитимни вести.
„Исто така ги гледаме и на социјалните мрежи како единечни објави, но ги гледаме и на добро дизајнирани онлајн мрежи што успеваат да достигнат до огромни публики“, оцени евроамбасадорот.






