вторник, 5 мај 2026

Оставката на Заев тема и во бугарските медиуми

Објавено на

часот

Сподели

Софиското издание „Дневник“, по информацијата дека Зоран Заев поднел оставка од премиерската функција, наведува цитат од Заев од пред неколку дена, според кој, зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили.

Изданието „24 часа“ објавува дека Данела Арсовска, која е прогласена за „Бугарка“, станала градоначалник на Скопје, а премиерот Зоран Заев поднел оставка.

БНТ објавува дека од половината преброени гласачки ливчиња од ДИК во  Македонија, се утврдило дека кандидатите за градоначалници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат огромна предност пред тие од владејачката СДСМ на премиерот Зоран Заев, како и оти партијата на Али Ахмети го изгуби Тетово и Гостивар.

На истата тема пишуваат и весникот „СЕГА“, информирајќи кусо за оставката на Заев, а националното радио БНР исто така информира за вториот круг од локалните избори во државава, што завршија синоќа.

Зоран Заев на прес-конференција го призна поразот на локалните избори и објави дека поднесува оставка од функциите премиер и претседател на Социјалдемократскиот сојуз.

Во обраќањето рече дека од името на СДСМ им ја честита победата на противниците и ја презеде одговорноста за резултатите на изборите.

„Им честитам на сите градоначалници. Горд сум што заедно ја внесовме земјата во НАТО, лани добивме одлука за почеток со преговорите со Европската Унија и верувам дека имаме шанси да отпочнеме преговори за неколку месеци.

Си го обединивме нашиот мултиетнички народ и економски видливо го зајакнавме и покрај пандемијата која што владееше. Спроведовме успешен попис, изградивме историско пријателство со сите наши пет соседи, со договорени стратешки партнерства.

За нас прогресивните кои веруваме и им се радуваме на овие историски успеси, за жал дојде политичка казна.

Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата, дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и заради економски причини. А дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени, пред сѐ газди на градежни компании, заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите.

Исто така, сакам да споделам разочараност кај мене, а верувам и кај огромен број граѓани, затоа што мнозинството од народот кој гласеше заедно со сите тие што останаа дома, ги избраа истите луѓе и политичари кои пред 4 години само во парламентот пред очите на целата јавност сакаа и тргнаа да убиваат.

Некои од тие насилници се дури и избрани за градоначалници и советници во скопските и другите општини.

На овие избори видовме дури и сојузи помеѓу жртви и насилници од 27 април 2017 година.

Се здружија жртви на насилството со насилниците од ВМРО-ДПМНЕ без било каков образ за власт и пари.

Сакав ова да го напоменам и споменам со единствена цел да остане забележано во паметењето на нашиот народ. Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата од одлуката на нашиот народ. Но нејсе. Јас сум недвојбено убеден дека заедно со прогресивното граѓанство сум донел слобода и демократија во земјава наша, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и превземање на одговорност. Низ превземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа за својата земја. Можеби не сум во право, ќе покаже времето, но според мене ред е граѓаните да подржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки, но историски важни одлуки за добра иднина на својот народ и државата, без притоа тие политичари да се водат од својот политички рејтинг или да водат грижа за својата политичка фотелја”, рече Заев.

Тој, како што кажа, сепак, останува на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ