Ова го изјави министерот за правда Бојан Маричиќ за медиумите на прес-конференција на Преспа форумот запрашан дали нашата земја влегува во замка во однос на португалскиот предлог и унилатералната изјава во која државава би кажала дека македонски јазик е кодифициран во 1945 година без да спомене дека постоел порано, со што се потврдува позицијата на Бугарија во нејзината унилатерална изјава дека јазикот непостоел пред 1945 година.
„Ние од нашата позиција не можеме да отстапиме, за нас е многу важно во рамките на законодавството на ЕУ и во преговарачката рамка да остане формулацијата дека правото на ЕУ се преведува на македонски јазик и во контекст на тоа немаме проблем доколку дадеме унилатерална изјава во која ќе се изнесат факти, но исто така со тоа не признаваме и не знам која е точната формулација, до крај, меѓутоа во никој случај немаме право ниту можност да признаеме дека македонскиот јазик постои од 1945 година. Сигурно дека постои претходно, а е кодификуван 45-та и тоа е прашање на факт“, рече Маричиќ.
Тој повтори дека македонската страна јасно и недвосмислено кажала и во тие изјави и во други дека нашиот јазик постои, и е кодификуван 45-та, што е, вели, факт, а декларација што е посочена, нагласува, никаде ниту е усвоена, таа беше само предмет на разговори.
„Во моментот кога ќе дојде до усвојување на некаква декларација ќе можеме поконкретно да дискутираме. Но, треба да ги имаме предвид овие работи и со внимание да постапуваме, мислам дека нашата делегација внимателно ги разгледува сите прашања и во никој случај нема да дозволи да има каква било одлука или каква било декларација на штета на нашите интереси и на македонскиот јазик“, истакна министерот за правда Маричиќ.






