Османи во емисијата го презентирал ставот на ДУИ за последните предизвици по завршувањето на локалните избори во Македонија и потсетил дека ДУИ на своето конто има 10 општини и зголемување од 20 отсто на гласачкото тело, во споредба со претходните избори.
„Забележавме зголемување на поддршката. Да имаше парламентарни избори ќе имавме 18 пратеници. ДУИ повторно беше потврдена како најважна и најголема партија меѓу Албанците. Од друга страна, имаше нестабилни коалиции, ВМРО-Алијанса, привремени, моментни, кои имаа за цел да ја победат ДУИ, но граѓаните јасно се определија за ДУИ“, рече Османи.
Во врска со изјавата на премиерот Зоран Заев дека се фрлаат странски пари во кампањата, Османи кажа дека не може да појасни што сакал да покаже Заев, но повтори дека граѓаните ја потврдиле ДУИ како голема сила.
„Верувам дека барометарот за тежина се мери во првиот круг, додека во вториот круг има пазарења меѓу партиите“, рече тој.
Според него, ДУИ повторно ја потврди својата прва позиција.
„Во Тетово го добивме првиот круг за совет на општината и таму имаме еден мандат повеќе од претходно, додека во вториот круг се прават коалиции, но сепак ДУИ излезе со 10 освоени општини, чекаме уште една општина и верувам ќе имаме 11 победи“, изјави Османи.






