
Според него, резолуцијата треба да биде едногласно прифатена од сите претставници на различните политички партии.
„Ги поддржуваме и поттикнуваме напорите на сите политички субјекти и граѓаните на Република Македонија за целосно исполнување на критериумите содржани во основните документи на ЕУ и условите поставени од европските институции и во духот на унапредувањето на меѓусебната соработка, почитување и дијалог.
Во наведениот контекст секако ги имаме во предвид и постојаните и тенденциозни напади, како и изјави и ставови на припадници на разни меѓународни субјекти кои како во минатото така, и денес на најнепосреден начин го негираат суверенитетот, идентитетските обележја, јазикот, историските и културни обележја на македонскиот народ, но и на припадниците на другите заедници и сите наши граѓани“, вели Муцунски.
Тоа, според него, се причините поради кои партијата смета дека Собранието треба да излезе со единствен државен став во поглед на сите оние важни државни прашања кои се од исклучителна важност не само за природниот и очекуван развој на нашата држава туку и заради мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот регион и Европа во целина.
„Во резолуција силно ја реафирмираме важноста за целосна примена на позитивните и општоприфатени норми содржани во основните и другите документи на ООН за правото на самоопределување на народите, како основен принцип на меѓународното право и принципите на еднакви права и можности, како и правото слободно да се избере сопствениот суверенитет и меѓународен политички статус без мешање од другите“, додава тој.
Во текстот на резолуцијата, меѓу другото, се нагласува дека македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и временски континуитет и како такви потребно е континуирано да се почитуваат. Исто така се бара на меѓународната сцена претставниците на државата и пред се дипломатијата задолжително да водат грижа за заштитата на македонскиот идентитет кој ги носи корените од повеќевековните историски традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, расна и етничкс припадност, лингвистичко единство, етнокултурна посебност, колективен интегритет, религиски идентитет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор.
„Цениме дека оваа резолуција треба да биде прифатена со конзензус на сите пратеници, односно претставници на разни политички партии, затоа што тоа е нивен долг кои граѓаните, затоа што содржината е целосно избалансирана“, изјави Муцунски.






