„Го слушам Заев како вели дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе се распаднела, како ќе имало развод на бракот и што ли уште не. За разлика од него јас нема да навлегувам во брачниот статус на неговата коалиција затоа што според неговата логика тој веќе се раздели со многу партнери од коалицијата, Либерално-демократската партија, ДОМ, БЕСА, делумно и со ДУИ, кај и да е после изборите ќе му ја свират онаа песната, се сеќавате „Побегуља“ од Зона Замфирова, кај и да е Зоне ќе му избега, а оној Мане кујунџијата и оној негов Манулач усвет има да фатат“, рече Мицкоски во Радовиш.
Тој посочи дека на Заев уште малку му остана апсолутна власт, а време е да си замине, затоа што на нивните митинзи нема да слушнете ниту збор за изминативе 52 месеци, затоа што се што ветија излажаа, рече Мицкоски.

Зборувајќи за обвинението за изјавата на премиерот Зоран Заев, Зијадин Села рече дека тој заборавил дека ги нарече „Албанците луѓе кои вредат пет пари“. „Ќе му покажеме добро на тој премиер кој дојде во име на желбата за правда во име на владеењето на правото и правната држава, во име на борбата против корупцијата. Во име на соборување на режимот, а го изгради истиот режим и уште полош. Го гледате овој премиер секоја вечер, не поминува недела кога не се обидува да прикрие некој скандал, овој премиер ќе мора да знае дека денес има илјадници Албанци кои не го уживаат правото да учат на својот јазик, и јас кога кажам ова не е национализам, туку тоа е заштита на основните човекови права без оглед на етничката припадност што ја има. Додека тој што го забранува ова, е националист“, рече Села.
„Дали знаете каде му е маката? Тој се грижи затоа што заедно со неговиот партнер Али ќе ги загубат овие локални избори од Струга до Липково, и во Скопје и секаде, а во декември повеќе нема да биде премиер бидејќи ќе има нова влада, што ќе биде во рацете на албанските политички субјекти што се грижат за Албанците каде и да се“, изјави Села.
Мицкоски синоќа изјави дека дека не прави пактови со криминалците и измамниците и му порача на Заев дека е за исчистена Македонија од криминалци и измамници како оние на власт.
„Од овие локални избори зависат многу работи, сите поврзани со иднината на нашата Македонија, изборот е едноставен на овие избори или ќе продолжи корупцијата, криминалот, хаосот, немањето правда, стагнацијата на државата, експериментите во образованието, пропаѓање и нехуман однос кон земјоделците, предавствата или ќе создадеме сите заедно една нова, поинаква, различна и подобра иднина“, истакна Мицкоски.






