вторник, 18 ноември 2025
Локални избори 2025

Мицкоски: Очекуваме 45 градоначалници

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата воделе достоинствена кампања во која испратиле суштински пораки до граѓаните, со јасна визија за управување со државата и општините. Тој изрази оптимизам за резултатите од претстојните избори, очекувајќи победа во првиот круг во повеќе општини, вклучително и во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека ние како ВМРО-ДПМНЕ и коалиција имавме достоинствена кампања во која испративме суштински пораки со кои се обидуваме да објасниме како планираме да ја водиме и државата и општините. Кампања во која ја презентираме нашата програма и ценам дека генерално добро се претставивме пред граѓаните“, рече Мицкоски, во вечерашното гостување на ТВ Сител.

Во однос на очекувањата од изборите, Мицкоски изјави дека очекува значителен успех на ВМРО-ДПМНЕ со освоени 45 градоначалнички места.

„Ние секако ќе имаме повеќе гласови, споредено со гласовите што ги имавме во 2021 на советничките листи. Очекувам некоја бројка од 350.000 на советничките, и помеѓу 370.000 и 400.000 на градоначалнички. Очекувам дека ќе освоиме 45 до 50 градоначалници“, изјави тој.

За кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, Мицкоски е уверен дека победата е достижна уште во првиот круг.

„Очекувам да се заврши работата во прв круг. Последните анкети кои ги правиме на дневна основа, ценам дека сме многу блиску да го поминеме тој праг, Орце да влезе во првиот круг, и мислам дека е добро затоа што временската прогноза е сè уште поволна за да може да го реорганизира градот, грејната сезона“, рече тој.

На прашањето во врска со наводите дека исходот од овие избори ќе доведе до предвремени парламентарни избори, Мицкоски одговори дека таквите толкувања се „плитка политичка порака“.

Мицкоски ги повика граѓаните да излезат в недела масовно и да гласаат по сопствено убедување, бидејќи, како што рече, ако не излезат да гласаат некој друг ќе профитира од сето тоа. Исто така упати апел да гласаат за политички партии кои можат да менуваат, а не за помали, кои како што посочи, практично се мала група кои профитираат врз основа на гласот на граѓаните.

„Убеден сум дека ако го слушаат разумот и срцето и ако се фокусираат длабоко во душата што им вели, тогаш убеден сум во огромно мнозинство ќе го заокружат бројот 9 и ќе ја поддржат коалицијата, која што ја предводи ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски.

За изјавите на Венко Филипче, претседателот на СДСМ, Мицкоски вели дека треба да се држи до неврохирургијата, односно до лекарскиот занает каде што е добар.

„Неговите претходници ми држеа лекции, па видовме како завршија. Во владите на СДСМ во 2022 и 2023 година, буџетскиот дефицит не бил под 5-5,5%, а во однос на инфлацијата, сега е под 4%, додека за време на владеење на СДСМ била двоцифрена и достигнуваше во 2022 година 14,2%. Вчера спомена дека буџетскиот дефицит до крајот на годината ќе биде една милијарда и 400 милиони евра. На 15-ти октомври, два ипол месеци пред да заврши оваа година, буџетскиот дефицит е 560 милиони евра. А до крајот на годината може максимум да дојде до 600-650 милиони евра, и да ги следи капиталните инвестиции. Тоа е 3,4% од БДП“, кажа Мицкоски.

Тој додаде дека инфлацијата е значително намалена од 14,2 проценти во 2022 година на под 4 проценти во 2025, и изрази уверување дека до крајот на годината ќе се спушти под 3 проценти.

Премиерот истакна дека реформите во правосудниот систем се клучни за враќање на довербата кај граѓаните и за функционална правна држава. Тој посочи дека мал број поединци го компромитираат целиот систем и дека тие веќе се идентификувани.

„Имаме малкумина кои ги контаминираат сите останати и тоа е најголемиот проблем во правосудството. Тие малкумина ги имаме детектирано и не можат да бидат дел од нашиот правен систем бидејќи шансата да докажат дека се објективни, а не партиски измеќари, ја испуштија, рече Мицкоски.

Тој посочи дека е неопходно граѓаните да бидат запознаени со начинот на избор на судии и обвинители, бидејќи тоа е клучно за разбирање на проблемите во системот.

„Мора граѓаните да знаат како функционира начинот на избор на судии и обвинители, за да ни биде поедноставно. Тоа се Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а ги регрутира Академијата за судии и јавни обвинители. Вие имате една цела генерација, деветта генерација, за која и Државната комисија за спречување на корупција има мислење дека на незаконит начин завршила. Треба да тргнеме од тука – што правиме со таа одлука? Ако ја поништиме, треба веднаш да го пополниме тој празен простор со нови две генерации судии и јавни обвинители“, изјави Мицкоски, додавајќи дека процесот на реформи мора да започне веднаш.

Тој нагласи дека реформите ќе се спроведуваат транспарентно и во согласност со препораките од оценската мисија на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ