недела, 3 мај 2026

Катругалос: Разочаран сум од позицијата на Бугарија, но не сум сигурен дека Бугарија е сама

Објавено на

часот

Сподели

Минатата недела бевте во Стразбур и имавте прилика да ги слушнете ставовите на Никола Димитров и на Екатерина Захариева за спорот меѓу двете земји, но и самиот учествувавте во расправата. Како Ви изгледаат работите во однос на спорот? Можен ли е некаков напредок?

Јас зборував исто така во името на Европската левица со Никола, а потоа дискутиравме и на дебатата. Ние се обидуваме секогаш да ја поддржиме европската перспектива на Северна Македонија и за тоа сме едногласни. Има проблеми за кои може да дискутираме за други аспекти, но за ова прашање сите грчки политички сили се согласуваат. И морам да кажам дека навистина сум разочаран од позицијата што ја има Бугарија во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија. И како што велеше мојот претходник, Никос Коѕијас, историјата не смее да биде затвор, туку училиште. Не можеме да ја користиме историјата со цел да ја спречиме интеграцијата на земја што се бореше толку силно како што вие направивте. Сега не можам да кажам дека сум многу оптимист, голем оптимист, но можам да ви кажам дека во секој случај европското јавно мислење целосно ја поддржува вашата позиција и генерално перспективата на Западен Балкан. 

Што значи тоа „генерално поддржува“?

Советот на Европа е политичка организација што го има најслободниот политички израз во Европа. Во смисла дека ние сме претставници на парламенти, а не на влади, се разбира дека имаме одредени граници на слобода на изразувањето, што во владите го нема. И можам да ви кажам дека таму имаше консензус дека ние треба да го поддржиме секого што вложува толку големи напори како што вложувате вие. 

Вие нѐ поддржувате, повеќето членки на ЕУ ја поддржуваат нашата позиција, но на крај има една земја-членка што е против тоа. Како ќе ја разубедиме таа земја, во случајов Бугарија?

Не сум сосема сигурен дека е само една земја. Ние знаеме една земја бидејќи е многу гласна во однос на ова прашање, но не можам да речам дека нема забелешки, има забелешки.

Од други земји?

Претпоставувам дека е така. Ја видовте информацијата на Ројтерс за проширувањето. Она што е поддршка сега е генерална поддршка на јавното мислење, мислам во повеќето земји, повторно не велам во сите земји. А како ќе се трансформира таа поддршка е политичка одлука. Целосно ја разбирам фрустрацијата и разочарувањето кај луѓето во Северна Македонија. Единствената работа што можам да ја кажам е дека немате само забелешки, туку имате и сојузници. Ние во Грција сме посветени да ви помогнеме.

Која е според Вас, разликата меѓу македонско-грчкиот спор и македонско-бугарскиот? 

Северномакедонско.

Па не е северномакедонско, туку на Северна Македонија.

Да, да тоа е формално коректно.

Единствената разлика е политичката храброст што Заев и Ципрас ја покажаа за да се смени климата на национализам во двете општества, бидејќи имаше националистички гласови што беа против каков било компромис. Преспа беше компромис, двете страни ги задржаа своите стратегиски интереси и направија некои отстапки за другата страна. Не е можно да имаш договор на друг начин.

За жал, бугарскиот политички систем не изгледа подготвен сега да продолжи со истата храброст како Грција и Северна Македонија што направија во минатото. И ние имавме слични проблеми, но суштината е како да не дозволиме историјата да стане затвор, како што рековме претходно. 

Има некои прашања од историски интерес што треба да се однесуваат на политиката на државите, но не треба да ги нарушуваат билатералните односи.

Што мислите за кредибилитетот на Европската Унија, од аспект на овие прашања за кои говорите?

Тоа е голем проблем. Многу пати сум рекол, ако не ја вратите довербата кај граѓаните на Северна Македонија, ќе загубите важен капитал на доверба. Не само за Северна Македонија. Северна Македонија гледа во другите земји од регионот за да види што ќе се случи, бидејќи вие не само што се обидовте да направивте реформи според генералните услови, туку се обидовте и да ги решите проблемите со соседите. Затоа ние, како Грци, не само за мојата политичка партија, туку сите политички партии, инсистираме дека вие имате приоритет. Јас целосно го разбирам тоа. Тоа не е проблем само за вас, тоа е проблем на политичката интеграција на Европа. 

Ние не сме сами во регионот. Има отворено прашање меѓу Србија и Косово, тука е Албанија, која чека преговори…

Точно. Која е пораката на Преспанскиот договор? Преку дијалог и дипломатија можеме да ги решиме споровите. На чесен начин. Не преку угнетување на другиот. Ако оваа порака не резултира со она што го очекувате и имате секакво право тоа да го очекувате, односно европска интеграција, тогаш сигурно европскиот кредибилитет е поткопан. 

Која е разликата меѓу Вашата и сегашната влада во однос на регионот? Има ли некаква разлика?

Стратегиски, не. Ние, сите големи политички сили во Грција, ја поддржуваме европската перспектива на Западен Балкан додека Балканот целосно да се интегрира во ЕУ. Нова демократија како партија им проблеми со Преспанскиот договор, не поради националниот интерес, туку поради ситен партиски интерес, тие се спротивставија на договорот. Сега имаат проблем да им објаснат на своите гласачи, зошто тогаш беа против, а сега треба да го поддржат. Тие имаат политички проблем, но тоа е интерен, не е проблем за ставот на Грција.

Што се случува со трите меморандуми што треба да се ратификуваат во парламентот, претпоставувам тоа е поради Нова демократија?

Се разбира. Ние изразивме остри критики поради фактот дека не ги третираат овие прашања, кои се од национален интерес, туку размислуваат за своите внатрешни спорови. Поранешниот премиер Самарас, кој е еден од одговорните за непостигнувањето резултат во решавањето на спорот пред децении, рече дека нема да гласа. Овде е еден вид неподготвеност на премиерот да ја надмине оваа пречка, но не би навлегувал во внатрешната политика, бидејќи важното прашање е да се почитува и да се исполнуваат ветувањата од Преспанскиот договор.

Мислите ли дека Договорот се спроведува како што треба?

Има доцнења.

За кои прашања, на пример?

На пример учебниците, потоа марките на производите. И ние повторно ги критикувавме овие доцнења. Но повторно, не сакам да зборувам за внатрешната политика.

Но тоа е важно, бидејќи е причина за доцнења…

Мислам дека реков доволно за тоа.

Која е улогата на Вашата партија, бидејќи одговорноста не е само на владата?

Се разбира, ние се обидуваме пред сѐ да им кажеме јасно на грчките граѓани колку овој договор е важен и за нашиот национален интерес, а не само за Северна Македонија. Бидејќи, за жал, неизбежно националистичките чувства од една страна на границата ги трујат чувствата и имаат влијание врз другата страна. Затоа е важно меѓусебно разбирање од двете страни. Првата работа што ја правиме и мислам е најважна е да ги убедиме грчките граѓани за тоа зошто Договорот е добар за двете страни. Втората работа, како што реков, е дека ние ги критикуваме сите доцнења во примената на Договорот. 

Сосема ги разбирам фрустрациите, тоа го кажувам и во ЕУ. Тоа е нормално. И тоа може да биде опасно. Она што го реков во Стразбур е дека има две опасности. Прво, тоа е разочарување кај граѓаните од политиката, не само од европската перспектива, не само од она што се случува, и тоа е проблем на демократијата. А втората работа е кога нема надеж, младите луѓе си заминуваат и тоа можеби неповратно. Тоа се два основни проблеми со кои се соочува Балканот. Ние треба да се обидеме да ги запреме овие трендови. 

Ја разбирам вашата фрустрација и барем ние од Сириза чувствуваме дека сме во истиот „брод“ со она што вие го правите, бидејќи имаме изодено долг пат да најдеме неопходен компромис што е од национален интерес за двете страни. 

Знаевме дека ќе платиме политичка цена, но мислам дека одговорните и патриотски политички партии, што е различно од патриотизам и национализам, мора да имаат на ум дека дури и да ги изгубат изборите, мора да водат грижа за националниот интерес и на наредни избори може да победат. Но не ако ги потцените националните интереси на својата земја. 

Сега имате исти ставови со Мицотакис, дека нема да ја поддржи позицијата на Бугарија?

Тоа е стратегиска позиција на Грција, уште од 2003 со Солунската агенда. Наш интерес е целиот регион да влезе во ЕУ, се разбира со почитување на условите. Албанија има дополнително прашање за заштита на малцинствата таму, но мислам дека преку дипломатија и дијалог, сите одлуки може да се донесат.

Можно ли е во заднината на официјалните собири на ЕУ, некои лидери или лобисти да ја убедат Бугарија да го смени ставот?

Ова мора да биде колективен напор.

Колективен напор на ЕУ или пошироко?

На ЕУ, се разбира. Бугарија е дел од Унијата. И сигурен сум дека има критики кон нејзината позиција. 

Но можно ли е САД да имаат поголема улога, со оглед на изјавата на високиот американски претставник Габриел Ескобар, на пример?

САД имаат интерес за стабилизација на регионот. Но мислам дека ние Европејците треба да ја имаме главната улога во средувањето на политичката ситуација во својот дом. Јас би бил последниот што би барал помош надвор од ЕУ, но добро е да се има поддршка од други големи сили како САД, но би рекол ова е европско прашање. 

Жана П. Божиновска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ