За партиите и учесниците на локалните избори преку независните листи државата од буџетот ќе издвои над 3,6 милоиони евра, пари што ќе можат да бидат потрошени за платено претставување во медиумите. Согласно со последните измени во Изборниот законик, државата преку Државната изборна комисија ја плаќа медиумската изборна пропаганда на учесниците на изборите, а целта на законската измена беше да се избегне праксата од минатите времиња не само да се трошат големи суми на пари од разни легални и нелегални фондови, туку и за да се избегне коруптивниот поткуп на медиумите што има подолга трајност од самиот период на изборната кампања.
Според конкретните суми, законодавецот тргнува од бројот на запишани гласачи во единствениот избирачки список, кој сега има 1.824.864 гласачи и одобрува најмногу по 2 евра од гласач, со што се доаѓа до вкупната сума од 3.649.728 евра наменети за изборната кампања. Сумата од 3,6 милиони евра не значи дека тие пари мора да бидат потрошени, но лимитот е тој, а гаранцијата е дека парите ќе бидат контролирани и обврска е на Државниот завод за ревизија да ги провери сметките и да подготви одделни извештаи.
„Парите ќе бидат исплатени кога изборите и официјално ќе завршат, а медиумите се должни сумите што ги добиле да ги пријават“, вели за МКД.мк претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски и објаснува дека има четири групи на корисници на овие пари, партија на власт, најголема партија во опозиција, парламентарни партии што немаат пратеничка група и вонпарламентарни партии и независни учесници.
Даштевски додава дека парите ќе бидат исплатени согласно со одредбите од Изборниот законик и постигнатите писмени договори помеѓу учесниците во изборниот процес што е нивна обврска согласно законикот.
Со други зборови, 45 проценти од парите, или над 1,6 милиони евра СДСМ ќе подели со ДУИ и останатите партии со кои е во коалиција на изборите, исто толку пари ќе подели ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса и Алтернатива и останатите партии со кои е во коалиција, врз база на внатрешен договор меѓу партиите, кој е јавен.

Седум проценти од парите, близу 260 илјади евра, меѓусебно делат парламентарните партии ДОМ, ЛДП, Левица, ДПА, Беса. Останатите 3 проценти, или нешто помалку од 110 илјади евра, ќе им бидат распределени на вонпарламентарните партии и независните ученсници и листи на изборите.
„Како коалиција ДОМ-ЛДП ќе добиеме околу 70 илјади евра, бидејќи заедно настапуваме и заедно се претставуваме. Тоа се малку средства за партиите што немаат пратеничка група. Особено се мали парите за партиите што не се во парламентот или за независните кандидати. Остануваат фаворизирани големите партии и преку државните пари. Со големите суми на пари останува веројатноста и во иднина големите партии да останат големи и не случајно, односно од партиски интерес, е направена ваква законска поделба на парите. Тоа е крајно нефер поделба, зашто нерамноправно се делат средствата иако државниот буџет се финансира од сите граѓани“, вели лидерката на ДОМ Maja Морачанин.
Таа се согласува дека на ваков начин државата прави подобра контрола на парите за партиска пропаганда, но нагласува дека во делот на поделбата треба да се направи измена.
„Да илустрирам со спортски речник. Стартот на една трка на 100 метри за едни натпреварувачи е поставен на нулта позиција, а за други на 50 метри од стартот кон целта“, вели Морачанин.
Според лидерот на Левица, Димитар Апасиев, поделбата на парите е крајно дискутабилна и базирана на произволно толкување на првите луѓе на ДИК во интерес на четирите големи партии. Апасиев вели дека сумата од 260 илјади евра всушност треба да ја поделат само со ДПА, како две партии што на последните избори учествувале самостојно.
„Станува збор за смешна сума на пари со што Левица е оштетена за локалните избори и оневозможена рамноправно да учествува, а 90 отсто од колачот земаат четирите ‘големи’ партии”, вели Апасиев и најави кривични пријави за првите луѓе на ДИК и обраќање до меѓународните фактори.
Од ДИК информираат дека парламентарните партии кои на изборите ќе настапат самостојно со свои кандидатски листи, ќе можат средствата да ги користат само во конкретната општина каде ќе настапат самостојно, според вкупниот број на запишани избирачи на територијата на соодветната општина, додека распределба на тие средства ќе се изврши по претходен писмен договор согласно Изборниот законик.

Што велат пак учесниците на изборите кои меѓусебно треба да го поделат остатотот од парите, оние 3 проценти што во пракса значат близу 110 илјади евра?
Ана Петровска, кандидат за градоначалник на Скопје која во трката за оваа функција е во дресот на Зелен хуман град, вели дека станува збор за радикално законско ограничување, донесено преку ноќ со гласовите на партиите од власта и од опозицијата. Законско решение кое Зелен хуман град го изненади откако се собраа граѓанските потписи за учество на изборите и врз кое независните и вонпарламентарните партии не можеа да влијаат.
„Политиката е неправедно бојно поле. Во пракса оваа поделба на тој колач со горчлив вкус за нас значи дека ќе се потпреме на теренска активност и на алтернативни начини на промоција, на водење на кампањата преку бесплатните социјални мрежи. Токму сега сме на терен на средби со занаетчии, културни работници, социјални претпријатија, граѓански организиации и други претставници со кои ние природно контактираме и соработуваме. Ќе се потпреме на нашите знаења на проблемите и ќе нѝ треба и малку среќа“, вели Петровска за МКД.мк.
Александар Тортевски, претседател на Твоја партија и кандидат за градоначалник изјави дека распределбата на парите онака како што тоа го скроиле големите партии е крајно неправедна.
„Твоја партија со таа распределба ќе добие 800 евра, а двете големи по милион евра. Па видете тогаш за каква нерамноправна стартна позиција станува збор. Да потсетам дека тие и досега, пред кампањата, ги користеа своите позиции да водат кампања. Но во суштина, ние сме против со пари од граѓаните да се финансираат политичките партии. Партиите треба да се финансираат со чесни и лимитирани донации”, рече Тортевски.
Големите партии и оние што се во коалиција со нив, се разбира, не се незадоволни од законската регулираност на поделбата на „колачот”. Кога парите воопшто се во прашање, крајот на минатата година потврди дека најголемо единство меѓу парламентарните партии има кога се носат закони кои регулираат можност да се земат пари од државата.

Првиот викенд во декември минатата година пратениците во Собранието сложно, без дискусии, реплики и контрареплики, без процедурални блокади, без амандмани кои содржат измени само во запирки на законскиот текст, изгласаа поделба на сума од 3,5 милиони евра. Додуша, имаше изјави дека за околу 30 проценти поради пандемиската криза е намалена сумата во однос на претходниот период и дека можеби нема да биде доволна, но сложно се кренаа раце ЗА, со оглед на тоа што седницата беше одржана во „пандемиската сала“, каде што нема техничка можност да се гласа со притискање на копче. А пандемијата им ги „скуси“ средствата од 0,06 отсто од буџетот, на 0,15 отсто. Партиите се правдаат дека со законот за финансирање на политичките партии тие повеќе нема да бидат зависни од донации и дека државата ќе има поголема контрола на трошењето пари.
Останува дилемата дали партиите треба да се финансираат преку буџетот со парите од граѓаните бидејќи не вршат ниту здравствена ниту културна ниту каква друга функција од интерес за општеството.
П. Џамбазоски
Фото: Роберт Атанасовски






